Објавена е снимката од нападот на братот на министерот на БиХ

N1 Србија доби видео од инцидентот во населбата Медаковиќ во Белград и објави дел од видеото на кое се гледа како напаѓачите бегаат откако го претепаа Ѓорѓе Мијатовиќ (37), кој подоцна почина.

Нападот се случи вчера нешто по 18 часот. Инаку, групата хулигани кои го нападнаа Ѓорѓе Мијатовиќ, кој почина веднаш по тој инцидент во Ургентниот центар во Белград, наводно со месеци им правеле проблеми на станарите од зградите во населбата Медаковиќ, а само ден пред инцидентот (во саботата) кршеле клупи и му се заканувале на граѓанин кој ги замолил да не го прават тоа, пишува N1.

Случајот веднаш го пријавил во полиција, која излегла на местото на настанот, разговарала со групата која правела хаос, но како што велат станарите не ги легитимирала бидејќи биле малолетни.

Како што претходно денеска изјави српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ, починатиот, кој е брат на министерот за развој и претприемништво и потпретседател на Владата на Федерацијата на Босна и Херцеговина, Војин Мијатовиќ, излегол да разговара со хулиганите бидејќи неговиот син се пожалил дека му ја украле топката.

Дачиќ во емисијата изјави дека се утврдуваат околностите на смртта и дали настанала како последица на нападот, додавајќи дека лекарите рекле дека Ѓорѓе Мијатовиќ имал епилептични напади и дополнителни болести, па причината за смртта ќе ја утврди обдукција.

Но, веднаш потоа таблоидите, меѓу кои и Блиц, објавија дека мажот по инцидентот паднал и со главата удрил во бетон. Кога дошол дома и рекол на сопругата дека паднал сам, по што добил епи-напад“, вели изворот на Блиц.

Српскиот МУП соопшти дека се осомничени две лица и дека по нив се трага, како и дека телото е пренесено во Институтот за судска медицина за обдукција.