Сиљановска Давкова: Не гледам дека сум го повредила Преспанскиот договор, верувам во слободата на изразување

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова смета дека не го прекршила Преспанскиот договор кога ја давала свечената изјава во Собранието, а кога одби да го изговори уставното име на државата.

„Јас го почитував Преспанскиот договор и сега го почитувам. Јас ја потпишав изјавата со актуелното име, името од Преспанскиот договор. Меѓутоа, јас исто така верувам во слободата на изразување на мислата, слободата на самоидентификација и слободата самоопределување која не само што може да биде колективна и да се однесува на народите, туку може да биде и индивидуална. Значи, за мене, слободата на мислата како дел од Универззлната декларација за слободите и правата, како дел од Конвенцијата за заштита на слободите и правата, како дел од Конвенцијата на ЕУ за фундаментални права, им овозможува на луѓето да се изјаснуваат по сопствено наоѓање и јас не гледам тука дека сум го повредила Преспанскиот договор“, изјави денеска Сиљановска-Давкова.

На прашањето дали ова може да се одрази на европската интеграција на Македонија, Сиљановска Давкова рече дека за тоа треба да се праша грчката страна. Додаде и дека Македонија ги смени и документите за внатрешна употреба, и се повика на одредба од Преспанскиот договор дека тоа ќе треба да се оствари пет години по неговото стапување во сила, но и по отворањето на првото поглавје. „Еве јас имам прашање за себе, за Грција и за сите други дали ние отворивме некое поглавје и дали тоа не е исто така превид, не велам прекршување, дали тоа не е исто така отстапување од преспанскиот договор“, рече Силјановска Давкова.

-Не би можела јас да одговорам, бидејќи веројатно грчките претставници најдобро можат да кажат. понекогаш и слушам некакви предупредувања и закани, но јас вака велам дека точно е дека во меѓународното право важи начелото дека треба да се почитуваат договорите, но еве мислам секогаш кога бараме од другиот да стори нешто, логично е во една вин вин логика, да се запрашаме што сторивме ние. Јас мислам дека сите кои биле во Грција можат да видат дека токму името што од нас бараат да го почитуваме, тие никаде не го истакнале. Се уште има Скопје, Skopia, дури го има и акронимот на повеќе места да не зборувам за меморандумите. Еве, кога веќе ме прашавте, само да кажам дека за мене најважниот меморандум е оној за помошта при евроинтеграциите. Значи, затоа очекувам со пример да се стори нешто и еве да укажам на уште нешто што исто така не се истакнува, имено ние ги сменивме и документите за внатрешна употреба, меѓутоа токму во однос на овие постапки, таму има во преспанскиот договор се вика дека ќе почне примената, односно ќе треба да го оствариме ова пет години по неговото стапување во сила, ама пишува и по отворањето на првото поглавје. еве јас имам прашање за себе, за Грција и за сите други дали ние отворивме некое поглавје и дали тоа не е исто така превид, не велам прекршување, дали тоа не е исто така отстапување од Преспанскиот договор, рече претседателката.

Изминатите две недели, по заклетвата во Собранието, не стивнаа реакциите од грчката страна и од меѓународната заедница за непочитување на Договорот од Преспа. Додека претседателот на Собранието, Јован Митрески, ја читаше свечената изјава во која е содржано уставното име Република Северна Македонија, новоизбраната претседателка на државата Гордана Сиљановска-Давкова, при повторувањето, користеше само Македонија.

Реакцијата од официјална Атина тогаш стигна експресно, а грчката амбасадорка Софија Филипиду веднаш по заклетвата ја напушти ложата во собраниската пленарна сала, во која беа и амбасадори на други земји, во знак на протест. Од грчката амбасада рекоа дека тоа го сторила по инструкции од Министерството за надворешни работи на Грција.

Оттогаш, речиси секојдневно грчкиот премиер Киријакос Мицотакис упатува пораки дека новата власт во земјава мора да се придржува до Договорот од Преспа и да го користи уставното име на државата.