Шведска најави нова воена помош за Украина во вредност од 1,16 милијарди евра

Шведска во средата објави 1,16 милијарди евра воена помош за Украина, што доаѓа во време кога Киев се соочува со доцнење во снабдувањето од западните земји.

„Шведска го испраќа својот шеснаесетти, најважен пакет помош за Украина“, изјави вицепремиерката Еба Буш.

Според неа, пакетот воена помош се состои од опрема која е на врвот на приоритетната листа на Украина, вклучувајќи воздушна одбрана, артилериска муниција и оклопни возила.

Стокхолм ќе ѝ испорача на Украина и авиони за надзор и контрола „ASC890“ на производителот „Saab“, изјави министерот за одбрана Паал Џонсон на прес-конференција. Авионот е првенствено наменет за контрола на воздушниот простор и рано предупредување и ќе му овозможи на Киев да „идентификува крстосувачки ракети и беспилотни летала што се приближуваат, како и цели на копно и море.

„Украина на тој начин ќе има целосно нов воздушен радарски капацитет за извидување, насочен против цели во воздух и море“, се вели во соопштението на шведската влада.

Шведска, исто така, ќе испорача 302 оклопни транспортери за помош на новите украински бригади и борбени проектили „Rb99“.

Иако претходно најави испорака на борбени авиони „Gripen“, Шведска во вторникот објави дека го суспендирала проектот, одговарајќи на барањето на земјите партнери да дозволат „F-16“ прво да ѝ бидат испорачани на Украина.

Стокхолм вчера објави и план за помош на Украина во вид на снабдување со енергија во износ од 57 милиони евра. Шведска, исто така, предвидува повеќегодишен план за цивилна и воена помош во вредност од 6,5 милијарди евра за периодот 2024-2026 година, со цел да го поддржи Киев „колку што е потребно“.