Кина остро го осуди распоредувањето американски ракети на Филипините

Кинеското Министерство за одбрана во четвртокот остро го осуди распоредувањето на американски ракетен систем со среден дострел на северот на Филипините во текот на воените вежби во април, додавајќи дека потегот „значително го зголемил ризикот од војна во регионот“.

Портпаролката на Министерството за одбрана, Ву Чиан, посочи дека Кина е во состојба на висока готовност и се спротивставува на распоредувањето на американски ракети на Филипините, први од ваков вид во индопацифичкиот регион.

Според неа, акциите на САД и Филипините „сериозно го загрозиле“ мирот во регионот и донеле „огромни ризици од избувнување војна во регионот“. „Ракетите со среден дострел се стратешко и напаѓачко оружје“, рече Ву додавајќи дека сценариото потсетува на политиката на Студената војна.

Кина распоредува свои напредни ракети со среден дострел како дел од проширувањето на арсеналот на конвенционални балистички ракети.

САД минатиот месец потврдија дека ракетните системи „Typhoon“ биле распоредени на Филипините во текот на воената вежба „Balikatan“ (Рамо до рамо).

Филипинскиот полковник Мајкл Логико тогаш изјави дека ракетните системи, кои можат да испукаат ракети „Tomahawk“ и „SM-6“ биле транспортирани во градот Лаоак во северната филипинска провинција Илокос Норте, но не кажа дали оружјето оттогаш било преместено или останало на Филипините. Од овие системи за време на заедничките воени вежби не биле истрелани проектили, бидејќи целта била да се утврди можноста за транспорт на ракетни системи од 40 тони со авион.

Околу 16.000 војници од двете земји учествуваа на годишните воени маневри на САД и Филипини. Тие беа одржани на северните филипински острови во близина на Тајван и во водите на Јужното Кинеско Море каде Кина е во спор со неколку земји, вклучително и Филипините околу полагањето право.