Огромна поддршка за Орбан на „Маршот за мир“ во Будимпешта пред изборите во ЕУ

Десетици илјади Унгарци во поворката „Марш за мир“ минаа низ центарот на Будимпешта во саботата за да го поддржат десничарскиот суверенистички премиер Виктор Орбан, кој се соочува со изненадувачки предизвик од политички почетник пред изборите за Европскиот парламент следната седмица.

Орбан, кој е на власт од 2010 година, се надева дека неговата партија Фидес, која не е поврзана со ниту една групација во Европскиот парламент, ќе го искористи подемот на крајната десница ширум Европа, пред да го преземе ротирачкото претседателство со Европската унијата во втората половина од годината.

Орбан долго време е во конфликт со неолибаралистичките политички елити во Брисел и во другите членки на ЕУ по низа прашања, вклучително последните години и одбивањето да испрати оружје во Украина со чии власти Будимпешта има несогласувања повеќе од една деценија и продолжувањето на одржувањето на економските, поточно енергетските, врски со Москва по рускага инвазија во Украина во 2022 година.

Непрегледната маса луѓе вееја национални и партиски знамиња, извикувајќи „Унгарија-Унгарија“ и држејќи транспаренти како „Дај ни мир, Господи“, додека чекореа преку Сечењиев синџирест мост кој ги поврзува Будим и Пешта од зградата на парламентот до Маргитиниот островкаде Орбан им се обрати на поддржувачите.

„Никогаш досега не се појавиле толку многу луѓе за мир. Ние сме најголемите миротворци, најголемата мировна сила во Европа. Европа мора да биде спречена да се втурнува во војна, во сопственото уништување. Европа денес се подготвува за војна, со секојдневни најави за предавање на уште една делница од патот до пеколот“, рече Орбан.

„Се бориме за мир“, рекол за Reuters 62-годишниот Золтан, учесник во поворката на приврзаниците на Орбан и Фидес.

„Мораме да ја свртиме Европската унија во друга насока за да избегнеме војна. Реториката што доаѓа од Франција, Велика Британија и Германија очигледно сака војна, со помош на САД“, појаснува Золтан.

На половина од неговиот четврти последователен мандат, владата на Орбан беше потресена од два скандала за сексуална злоупотреба кои принудија да поднесат оставка двајца негови важни политички сојузници, поранешната претседателка Каталин Новак и поранешната министерка за правда Јудит Варга. Фидес оттогаш се обидува да ја поправи штетата, како и да го спречи растот на популарноста на Петер Маџар, поранешен владин инсајдер кој започна политичко движење откако ообјави наводно непријатни детали за внатрешната динамика на владата на Орбан. Сепак, се чини дека водечкиот рејтинг на Фидес е далеку од тоа да биде сериозно загрозен.

„Резултатите од изборите за Европскиот парламент и локалните избори на 9 јуни ќе откријат колку се големи предизвиците на Орбан дома и дали Маџар е голема закана за Фидес или за другите опозициски партии. Разочарувачкиот исход на Фидес веројатно ќе го принуди Орбан да ја преиспита својата изборна стратегија пред парламентарните избори во 2026 година“, вели за Reuters рече Андриус ​​Турса од истражувачкиот институт Teneo.