
Кандидатката на владејачката левичарска партија, Клаудија Шејнбаум (61) оствари убедлива победа на претседателските избори во Мексико, покажуваат првите официјални резултати објавени денеска од Национален изборен институт (ИНЕ).
-Поранешната градоначалника на Мексико Сити освои меѓу 58 и 60 отсто од гласовите, покажуваат официјалните резултати од примерокот, изјави Гвадалупе Тадеи, претседател на Националниот изборен институт, пренесе Бета.
Нејзината опозициска противкандидатка, поранешната сенаторка од десниот центар. Чочитл Галвез, на овие избори, кои се одржуваат во еден круг, освои 26 до 28 отсто од гласовите, изјави претседателот на Институтот.
На третото место е Хорхе Алварез Мајнес, кој доби меѓу девет и 10 отсто од гласовите.
-Нема да ве разочарам, вети Шејнбаум во својата прва телевизиска изјава по објавувањето на првите делумни официјални резултати, според кои постигна убедлива победа на вчерашните претседателски избори.
„Ќе станам првата жена претседател на Мексико“, рече таа во обраќањето до своите поддржувачи и објави дека нејзината партија Движење за национална обнова (Морена) освоила „квалификувано мнозинство“ во Конгресот.
Кандидатката на владејачката партија водеше кампања за продолжување на политичкиот курс воспоставен од нејзиниот политички ментор, претседателот Андрес Мануел Лопез Обрадор, во последните шест години.
Како негов назначен наследник, 61-годишната Шејнбаум водеше жестока кампања и покрај силниот предизвик од Галвез. Ова беше првпат во историјата на Мексико двајцата главни ривали во претседателската трка да бидат жени.
Покрај изборот на нов шеф на државата, кој ќе има единствен шестгодишен мандат, Мексиканците исто така избраа членови на долниот и горниот дом на парламентот на земјата за време на гласањето во неделата.
Шејнбаум има еврејско потекло, а нејзините баба и дедо емигрирале во Мексико од Литванија и Бугарија. Во 2000 година, таа стана секретарка за животна средина на Мексико Сити – функција што ја вршеше до 2006 година, кога замина за да стане портпарол на првата претседателска кампања на Обрадор.
Во 2007 година, Шејнбаум ја доби Нобеловата награда за мир за подигање на јавната свест за климатските промени.
Со поддршка на партијата Морена во 2015 година, таа беше избрана за градоначалник на Тлалпан, кварт на Мексико Сити, пред да стане градоначалник на главниот град три години подоцна.