Прво предизборно соочување на кандидатите за британски премиер

Британскиот премиер Риши Сунак и неговиот противкандидат од Лабуристичката партија, Кир Стармер, кој е фаворизиран во сите анкети веќе подолг период, ќе се соочат на првата телевизиска дебата во вторникот вечерта, еден месец пред општите избори на 4 јули кои би можеле да стават крај на 14-годишното владеење на Конзервартивната партија.

Иако се соочуваат еден со друг во парламентот на седмично ниво, ова е првпат да се судрат во оваа изборна кампања во која лабуристите тврдат дека е време за „промена“, додека ториевците велат дека тие се единствените со „план“ за Обединетото Кралство.

Двајцата повторно ќе се соочат на крајот од јуни, една седмица пред изборите. Во текот на кампањата планирани се и други телевизиски дебати меѓу функционери на водечките партии.

Предизвиците се многу различни за лидерите на двете големи британски партии. Четириесет и четиигодишниот Риши Сунак мора да се обиде да ги убеди гласачите дека неговата партија, по 14 години на власт, може да се ревитализира, иако изгледа поделена и истрошена по менувањето на пет премиери. Последните седмици, дури и пред почетокот на кампањата, Сунак даде неколку големи ветувања, како враќање на задолжителниот воен рок, повисоки социјални бенефиции за невработените, продолжување на даночните намалувања и разјаснување на законите во однос на биолошкиот пол и родот.

Наспроти него, 61-годишниот Кир Стармер, кој и покрај водството на неговата партија на анкетите, индивидуално не буди преголем ентузијазам кај Британците, ќе мора да се обиде да ги собере неопределените кои чекаат да дознаат повеќе за програмата на лабуристите. Но, Стармер, кој многумина го сметаат за нехаризматичен, веројатно нема да ризикува. „Само ќе се обидам да останам смирен и присебен“, рече тој во интервју за седмичникот The Observer во неделата.

Во алузијата на таканаречената стратегија „вазна Минг“ која со месеци ги карактеризираше анстапите на лабуристите, а која се состои од играње на сигурно за одржување на водството во анкетите, тој рече: „Откако ја носев некое време, ќе се обидам да му одолеам на искушението да започнам со неа да жонглирам“.

Последниве денови и двајцата изјавуваа дека сакаат да ја намалат имиграцијата, Сунак со намалување на бројот на доделени визи а Стармер со таргетирање на работодавците кои не ги почитуваат законите за работни односи и зајакнување на обуката на британските работници.

Дебатата ќе се емитува во 21 часот на приватниот теелвизиски канал ITV и се очекува да трае еден час.