Конте го презема Наполи

Италијанскиот фудбалски стратег Антонио Конте ќе го преземе Наполи, со кој треба да потпише договор во среда, објавија во вторникот италијанските медиуми.

Според Sky Italia, 54-годишниот Конте во среда ќе потпише тригодишен договор.

Поранешниот тренер на Јувентус, Челзи, Интер и селектор на италијанската репрезентација треба во Наполи да зема плата од седум милиони евра, со бонус од милион евра за три години.

Конте имаше успешна играчка кариера во Јувентус со кој освои бројни трофеи, а настапуваше и за Лече. Како тренер освои три шампионски титули на Италија со Јувентус, една со Интер и титулата во англискиот шампионат со Челзи.