Се зацврстуваат релациите меѓу македонските и српските филолози за афирмација и развој на македонистиката. Се продлабочува соработката меѓу книжевните истражувачи од академската заедница на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, особено од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и колегите од Универзитетот во Ниш, каде на Филозофскиот факултет се изучуваат македонскиот јазик и книжевност. Денес, во пресрет на одбележувањето на 79-годишнината од усвојувањето на Македонскиот правопис, во Народната библиотека „Стеван Сремац“ во Ниш ќе се одржи вечер посветена на современата македонска книжевност, со клучни нови изданија во Србија што ги афирмираат македонските книжевни вредности.
Поконкретно, настанот ќе биде посветен на две капитални дела објавени оваа година, а коишто се однесуваат на современата македонска проза и поезија – и двете резултат од работата на д-р Данијела Костадиновиќ, којашто е професор по македонистика на нишкиот Филозофски факултет и истакнат афирматор на македонистиката. Првото дело е монографијата „Каде што дрвјата умираат: магичниот реализам на Живко Чинго“, авторско научно дело на Костадиновиќ, а второто дело е последната, аманетна книга на Ацо Шопов, „Дрво на ридот“, за првпат објавена интегрално во одделно издание во препев, на друг јазик.
За монографијата посветена на магичниот реализам на Чинго, критички ќе се осврнат рецензентите: проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ и проф. д-р Данијела Поповиќ-Николиќ од Филозофскиот факултет во Ниш. Препевот на Костадиновиќ на поетската книга на Шопов ќе го промовира ас. м-р Иван Антоновски од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, кој беше и рецензент при објавување на изданието. На настанот, учесниците ќе се осврнат и за влогот на Данијела Костадиновиќ за афирмација на македонистиката во Србија, следејќи ги чекорите на својот претходник, проф. д-р Мирољуб Стојановиќ, а модератор ќе биде Емилија Радмиловиќ.
Покрај книжевната вечер, во Ниш ќе се разговара и за содејствувања за натамошно развивање на соработката меѓу книжевните истражувачи и преведувачите посветеници на македонскиот збор.
Инаку, монографијата за Чинго е во издание на реномираната издавачка куќа „Domus editorial Ars Libri“ од Белград, додека со препевот на поетската книга на Шопов, Друштвото на писатели и книжевни преведувачи на Ниш отвора нова едиција во којашто првата книга е од современата македонска книжевност.