Сите оние тестови кои ќе бидат утврдени дека се препишани ќе бидат поништени и матурантите ќе треба да преполагаат. Оваа година за прв пат ќе се спроведува тоа правило. Изминатите години препишувачите добиваа само намалување на бодови, но нивниот тест остануваше валиден. Според податоците на Државниот испитен центар и претходните години имало голем број ученици кои препишувале и добиле нула поени, а најголем дел од нив биле по англиски јазик.
„Ако ние петнаесет години како вработени во Државниот испитен центар работиме под тој стрес дека имаме кривична одговорност, тогаш апсолутно сум за тоа дека и сите останати чинители во процесот да имаат одговорност. Јас мислам дека и тие треба да имаат одговорност“, вели Билјана Михајловска-Директорка на државен испитен центар.
Директорот на Гимназијата „Орце Николов“ смета дека вината не треба да се бара само кај учениците туку и кај набљудувачите, кои во сите училишта треба да бидат на висина на задачата. Но, исто така го обвинува и лошиот систем кој не ги плаќа набљудувачите и ги демотивира.
„Ако вие имате тестатори или професор кој е соодветно третиран, биде платен на денот на тестирањето и потпише изјава за сериозност тогаш нема да има никаков проблем. Доколку не го испочитува тоа тогаш треба да има санкции“, вели Митко Димовски, директор на СУГС Гимназија „Орце Николов“.
Од 14.838 ученици пријавени за државна матура, речиси 7.000 биле учесници во вибер групата, во која се споделувале прашања и одговори од тестот по македонски јазик.
Во Државниот испитен центар во моментот се работи со голема документација, ќе се споредуваат препишувањата од изминатите години и од оваа година кога беа воведени дополнителни мерки, а резултатите ќе бидат споделени по завршување на матурата.