ИДФ нападна терористи на Хамас кои дејствувале во училиште на УНРВА во Газа

Воените авиони на израелското воздухопловство извршија прецизен напад врз борци на Хамас кои дејствувале во училиште на УНРВА во областа Нусејрат во централниот дел на Појасот Газа, ноќта помеѓу средата и четвртокот, соопштија од ИДФ. Воздушниот напад бил организиран од разузнавањето на ИДФ и израелската безбедносна агенција, и биле елиминирани терористи кои учествувале во масакрот на 7 октомври.

Палестинците тврдат дека најмалку 39 лица загинале во воздушниот напад врз училиштето изградено од палестинската агенција за бегалци на Обединетите нации.

Терористите го експлоатирале и го користеле училиштето како засолниште. Неколку терористи кои планирале да извршат терористички напади и напади на ИДФ биле елиминирани во нападот, соопшти ИДФ.

„Пред нападот, беа преземени голем број чекори за да се намали ризикот од повредување на неинволвирани цивили за време на нападот, вклучително и спроведување на воздушно набљудување и дополнителни разузнавачки информации“.

Палестинците тврдат дека е погодено училиштето Ал-Сарди, кое служело како засолниште за раселените жители на Газа, а телата биле евакуирани во болниците во Деир ал Балах во централниот дел на Појасот Газа.

„Ова е ужасен геноцид што го срами човештвото“, обвини Хамас. Генералниот директор на владината канцеларија за комуникации во Газа процени дека бројот на жртвите ќе се зголемува.
„Ја повикуваме меѓународната заедница да изврши притисок врз Израел да го запре геноцидот во Газа“, рече тој.

Во средата, ИДФ објави отпочнување на дивизиска операција во централниот дел на Појасот Газа во бегалскиот камп Ал Буреиџ и во Деир ал Балах. Во исто време со воздушните напади, војниците на 7-та бригада започнаа напади врз областа Ал Буриџ, а војниците на борбената единица на бригадата Кфир започнаа напад во источниот дел на Деир ал Балах.

Хуманитарната организација „Лекари без граници“ тврди дека од вторникот загинале најмалку 70 Палестинци и повеќе од 300 ранети се донесени во болницата Ал Акса по нападите во центарот на Газа.