Со 74 гласа за и 24 против денеска пратениците ја изгласаа потребата по скратена постапка да се носат измените на законот за организација на државната служба, со кој се предвидува укинување на дел од постоечките министерства, дел ќе бидат реорганизирани , а се воведуваат и четири нови.
За пратеникот Христијан Мицкоски како предлагач на законските измени ова е последниот чекор до формирање на реформската влада. Ги повика сите пратеници да дадат поддршка за ваквите измени кои ќе ги направеле институциите функционални.
Опозицијата реагираше дека не е дозволено по скратена постапка да се носи ваков системски закон, со кој се уредува бројот на министерствата.
Од Левица испорача нивен ултиматум – ќе дадат поддршка ако биде прифатено нивното барање за една изборна единица.
Според измените, министерството за економија ќе биде реорганизирано во економија и труд, осносно ќе опфаќа дел од ингеренциите од старото министерството. Министерството за социјална политика и труд кое беше досега, ќе биде сега министерство за социјална политика, демографија и млади. Со ова Агенцијата за млади и спорт ќе биде укината. Надлежностите кои ги имаше досега министерството за економија во делот на рударството и енергетиката ќе бидат дел од надлежностите на новото формирано министерство за енергетика, рударство и минерални суровини.
Дел од ингеренциите кои што ги имаше министерството за економија посебно во делот на туризмот ќе бидат сега присоединети до новото министерство, министерството за култура и туризам.
Ќе се формира и ново министерство за дигитализација кое што ќе ги наследи обврските кој што ги имаше досегашното министерство за информатичка технологија и администрација.
Со измените предвидено е и ново министерство за администрација.
Откако ќе ги поминат сите комисиски филтри, измените треба да бидат донесени со двотретинско мнозинство или 80 пратеници.