
Германија има потреба од најмалку 75.000 дополнителни војни за да ги исполни своите обврски кон НАТО додека сојузот го прилагодува своето воено планирање за евентуален конфликт со Русија, која ја смета „сѐ поагресивна“, објави во петокот магазинот Der Speigel.
Повиците за зголемување на бројот припадници на Бундесверот (германската армија) би можеле да претставуваат дополнителен предизвик за владата во Берлин, којашто се обидува да осигури дополнителни средства за поголемите издвојувања за војската откако започна руската инвазија во Украина, и дискутира за воведување некој облик на воена обврска.
Челниците на НАТО на минатогодишниот самит во Вилнус ги одобрија првите поголеми одбранбени од крајот на идеолошката блоковска Студена војна од минатиот век, кои се однесуваат на одговорот на западниот воен сојуз на наводно евентуален руски напад. Одлуката претставува значајна промена на политиката имајќи предвид дека НАТО последните децении наводно не правел такви планови бидејќи учествувал во војни против далеку воено инфериорни земји како некогашна СР Југославија, Ирак, Сирија, Либан, Авганистан…, а постсоветска Русија ја сметаше веќе разнебитена која може да биде распадната со политичко влијание и постепен воен притисок со примањето во членство на земјите кои граничат со неа, поради што не ја сметаше за егзистенцијална закана.
Меѓутоа, сега НАТО и воените планери од земјите членки ги притискаат плановите за конкретните потреби, кои се покажаа како големи, при што се препознаени недостигот од жива сила, вооружување и други опрема за одбрана од наводен руски напад, којшто според врвот на германската армија би може да се случи најрано во 2029 година.
Сојузниците врз основа на потребите ќе мора да преговараат за тоа која земја членка ќе ги пополни празнините. Така, кога ќе биде постигнат договорот, потребите тогаш ќе се претворат во нови цели на НАТО во врска со капацитетите на секоја земја членка, пишува Der Spiegel.
Новите потреби значат дека на германските вооружени сили ќе им бодат потребни дополнителни 75.000 војници за да ги пополнат своите сојузнички корпуси, дивизии и бригади неопходни за имплементација на одбранбените планови, се наведува натаму во написот, повикувајќи се на доверливи документи. Бундесверот во моментов има околу 180.000 војници и 80.000 цивилни лица.
Издвојувањето за одбраната веќе стана проблематично прашање за трипартитната коалиција на канцеларот Олаф Шолц во дискусиите за буџетот за следната година. Шолц во 2022 година претстави фонд од 100 милијарди евра за обновување на германската војска. Германија, така, сега првпат по носењето на одлуката на НАТО пред десетина години, ќе ја исполни својата обврска кон Алијансата за издвојување на најмалку 2 отсто од бруто домашниот производ (БДП) на земјата.
Меѓутоа, владата во Берлин повторно се ценка во врска со финансирањето на војската, откако веќе се трошат вонредно издвоените 100 милијарди евра. Шолц го поддржа својот министер за финансии кој ги одби барањата на министерот за одбрана Борис Писториус да се зголеми буџетот за одбрана, кој според предвидувањата годинава ќе изнесува околу 52 милијарди евра, за дополнителни 6,7 милијарди евра во 2025 година. Писториус, исто така, го задолжи своето министерство да истражи можни модели за повторно воведува на некоја форма задолжително служење воен рок.