Партиите на германската владејачка коалиција – Социјалдемократската партија на Германија (SPD), Зелените (Bündnis 90/Die Grünen) и Либерално-демократската партија (FDP) се големи губитници на изборите за Европскиот парламент одржани во неделата во Германија, а крајно десната евроспетична и суверенистичка партија Алтернатива за Германија (AfD) стана втората партија по бројот на гласови, а на истокот на Германија најсилна политичка сила.
„Успехот на AfD е историски настан. Ние сме најсилната сила на истокот на Германија. Не можевме да посакаме посилен ветер в грб“, изјави потпретседателот на AfD, Тимо Хрупала во неделата навечер по објавувањето на нецелосните резултати од изборите за Европскиот парламент.
Додаде дека овие резултати се силна поддршка пред парламентарните избори во источните сојузни покраини Саксонија, Тирингија и Бранденбург во септември.
Според излезните анкети, победник на европските избори е унијата на кознервативците Христијанско-демократската унија (CDU) и баварската Христијанско-социјалната унија (CSU) со 30 отсто од гласовите, а по неа е AfD со 16 отсто. AfD е најсилната политичка сила во сојузните покраини кои некогаш припаѓаa на комунистичата Источна Германија со 27 проценти.
Меѓутоа, првичните анализи покажуваат и дека AfD била особено успешна кај помладите гласачи. Во групата од 16 до 24 години оваа партија освоила 17 отсто од гласовите. Во исто време, владејачките SPD и Зелените поминаа лошо во таа група со поддршка меѓу 9 и 11 отсто.
Послаб резултат од очекуваниот постигна владејачката SPD на канцеларот Олаф Шолц со 14 отсто. Зелените со 12 проценти се најголеми губитници во однос на изборите пред пет години кога освоија 20 проценти. Пет отсто од гласовите освои и владејачката FDP.
Партијата Сojуз Сахра Вагенкнехт (BSW), која се отцепи од партијата Левица, доби 5,5 отсто од гласовите, додека Левицата доби три отсто од гласовите.
Претседателот на Христијанско-демократската унија (CDU), Фридрих Мерц, повика на промена на политичкото раководство во Германија по изборите во недела.
„На Германија ѝ е потребна политичка промена“, рече Мерц.
Генералниот секретар на CDU, Карстен Линеман, побара од канцеларот Олаф Шолц да го стави својот мандат на располагање.
„Партијата на канцеларот освои 14 отсто, Унијата CDU/CSU повеќе од двојно повеќе. Владата повеќе не може да продолжи да работи како ништо да не се случило“, рече Линеман.
И покрај падот на популарноста поради бројните скандали со нејзините политичари, хајката во мејнстрим медиумите и ставањето на големи нејзини делови под следење и опсервации на безбедносните служни и барањата на етаблираните партии за нејзина забрана, AfD успеа, според првичните анализи, да профитира од незадоволството на граѓаните од работата на коалициската влада. AfD и BSW, исто така, имаа полза од убедувањето на многу гласачи дека Унијата на CDU/CSU, исто така, нема да водеше подобри политики доколку беше на власт губејќи ја својата конзервативна и десна политичка ориенатација.
AfD и BSW се истакнаа за време на изборната кампања во нивните критики за поддршката на федералната влада за Украина во војната против Русија, што укажува и на расположението на голем дел од германските гласачи по ова прашање.
Веднаш по објавувањето на резултатите, претседателката на AfD, Алис Вајдел, и претседателката на BSW, Сахра Вагенкнехт, повикаа на почеток на мировните преговори во Украина. Вајдел рече дека „демонизацијата“ на рускиот претседател Владимир Путин треба да престане, а Вагенкнехт побара „замрзнување на боиштето“ во Украина. Другите партии остро ги отфрлаат овие предлози.