Актуелната претседателка на Европскиот парламент, Роберта Мецола, во понеделник најави дека челниците на политичките групации во Европската унија ќе се соберат на својата прва официјална средба веќе во вторник, по одржувањето на изборите ширум Унијата.
Мецола рече дека новиот парламент „ќе започне со работа веднаш“. „Веќе во вторник…лидерите на политичките групи ќе се соберат на првиот состанок на парламентарната конференција на претседателот“.
Меѓу другото, тие треба „да ги разгледаат резултатите од европските избори со цел да го изберат следниот претседател на Европската комисија и да договорат временска рамка за конституирање на новиот парламент“, рече Мецола.
„Во текот на следните седмици ќе треба да се конституираат политички групи и да се формира мнозинство за да се работи на политичка програма која ќе го одреди правецот на нашата Унија во наредните години. Новиот парламент ќе ја одржи инаугуративната седница во Стразбур на 16 јули“, рече Мецола.
„Како претседателка на овој парламент, денешните резултати ги гледам како знак на довербата на народот, дека парламентот ќе продолжи да ја води европската агенда во следните пет години, но и како сигнал дека треба уште повеќе да работиме за да допреме до луѓето. Европа гласаше и нашиот парламент ќе биде конструктивен и ќе продолжи да работи за сите Европјеци“, заклучи Мецола.