Добрите избори резултати на крајната десница на изборите за Европскиот парламент во неделата го поттикна францускиот претседател Емануел Макрон да распише предвремени парламентарни избори, што ја зголемува неизвесноста за идната политичка насока на Европа, откако и во Германија следеа такви повици кон канцеларот Олаф Шолц.
Иако центристичките, либералните и социјалистичките партии ќе го задржат мнозинството во Европскиот парламент од 720 места, изборите им нанесоа удар на челниците на Франција и Германија, покренувајќи прашања за тоа како двете клучни членки на Евопската унија можат да ја водат политиката во блокот.
Макрон распиша парламентарни избори, при што првиот круг ќе се одржи на 30 јуни, во она што се смета за ризичен обид повторно да го потврди својот авторитет.
Германскиот канцелар Олаф Шолц, како и Макрон, исто така имаше тешка ноќ, бидејќи неговите социјалдемократи го постигнаа својот најлош изборен резултат досега, поразени од етаблираните конзервативци и крјано десничарската суверенистичка и европскептична Алтернатива за Германија (AfD).
Италијанската премиерка Џорџа Мелони ја зацврсти својата позиција откако нејзината крјано десна партија Браќа на Италија (FdI)освои најмногу гласови.
Свртувањето надесно на Европскиот парламент може да го отежне донесувањето на новите закони потребни за одговор на безбедносните предизвици, ефектите од климатските промени или индустриската конкуренција од Кина или САД.
Сепак, влијанието на евроскептичните суверенистички националистички партии ќе зависи од нивната способност да ги надминат разликите и да соработуваат меѓу себе. Тие во моментов се поделени во две различни групи, а некои партии и претставници се и надвор од овие две групации.
Добри вести за EPP
Конзервативната Европска народна партија (EPP), од десниот спектар, ќе биде најголемото политичко семејство во новото состав на Европскиот парламент откако освои 184 пратенички места или осум мандати повеќе од претходното свикување.
Граѓанската коалиција на полскиот премиер Доналд Туск, која е дел од EPP, освои најмногу гласови во Полска. Десничарската шпанска народна партија (PP), исто така членка на ЕPP, победи на европските избори, надминувајќи ја Социјалистичката партија (PSEO) на премиерот Педро Санчез.
Ваквите резултати претставуваат добра вест за припадничката на EPP, Урсула фон дер Лајен, која се кандидираше за втор петгодишен мандат на чело на Европската комисија, најмоќната извршна власт во Унијата. Фон дер Лајен набрзо се понуди себеси како штит против партиите од спротивните краја на политичкиот спектар.
„Никакво мнозинство не може да се формира без EPP… Ќе изградиме бастион против екстремизмот од левицата и десницата… Сепак, исто такаm е точно дека екстремите од лево и десно добија поддршка и затоа овој резултат доаѓа со голема одговорност за партиите во центарот“, им рече таа на поддржувачите во седиштето на EPP во изборната ноќ во Брисел.
На фон дер Лајен можеби сè уште ѝ е потребна поддршката од некои десничарски националисти, како што се Браќата на Мелона од Италија, за да обезбеди парламентарно мнозинство, што на Мелони и нејзините сојузници во европските конзервативци и реформисти (ECR) ќе ѝ даде поголемо влијание, но може да ги вознемири другите потенцијални сојузници.
Загриженост на гласачите
Левичарските социјалисти и демократи (S&D) останаа втора по големина политичка групација со 139 освоени места, исто толку колку што имаа и на крајот на последното состав на Европскиот парламент. Европскиот парламент ко-одлучува со меѓувладиниот Европски совет за законите за блокот од 27 земји-членки и 450 милиони луѓе.
Политичките набљудувачи ја припишуваат промената и свртувањето в десно на зголемените трошоци за живот, загриженоста за миграцијата и трошоците за зелената транзиција и војната во Украина, кои беа користени од националистичките и суверенистички партии.
„Мислам дека многу луѓе чувствуваа дека Европа не ги прави работите со народот, туку над народот“, вели главниот кандидат на Зелените Бас Ајкхоут во интервју за Reuters, на прашањето за причините за добрите резултати на крајната десница.
„Мислам дека треба да смислиме убедлив одговор, инаку само ќе се придвижиме уште повеќе надесно“, додаде откако се намали бројот на мандатите што ги освоија либералите и зелените.
Евроскептичните националистички суверенистички групации како ECR и Идентитет и демократија (ID), како и десничарските претставници од AfD, кои во моментов не припаѓаат на ниту една политичка групација во Европскиот парламент, заедно имаат 146 мандати, што претставува зголемување за 19 мандати од минатиот парламентарен состав. ECR освои 73 мандати, односно четири повеќе од претходното свикување, а крајнодесничарската ID освои девет места повеќе или вкупно 58.
Според преброените гласови, во Австрија победува крајно десничарската Партија на слободата, но со помала разлика од претходно предвидената, објави националната телевизија ОРФ.
Предвидувањата засновани на мнозинството преброени гласови во Холандија ги потврдија излезните анкети, според кои сојузот на Лабуристите и Зелената левица освоиле осум места, а антиимигрантската партија на Герт Вилдерс шест места.
Конзервативните партии од десниот центар и централно-левичарските проевропски партии, Либералите и Зелените го задржаа своето мнозинство со 455 места, но тоа е помало во споредба со 488 места од вкупно 705 во претходдниот состав на парламентот во Стразбур.
Големи загуби претрпеа особено европските зелени партии и паднаа од 71 на 52 мандати.
Бројот на независни европратеници, кои можат да одлучат дали ќе се приклучат на други групи, вклучително и евроскептиците, се зголеми од 33 на 98.