Европските акции пораснаа во средата, по двата дена пад, додека инвеститорите го очекуваа извештајот за инфлацијата во САД и пораките од шефот на американската централна банка Федералните резерви (Federal Reserve – Fed).
Индексот STOXX 600 на водечките европски акции беше во плус 0,3 отсто во првиот дневен пресек од тргувањето по двата дена пад. Истовремено, лондонскиот FTSE индекс зајакна за 0,56 отсто, на 8.195 поени, додека франкфуртски DAX се зголеми за 0,44 отсто, на 18.450 поени, а париски CAC за 0,36 отсто, на 7.817 поени.
Растот на индексите главно се должи на корекцијата на цените на акциите по дводневното намалување. Но се тргува внимателно, бидејќи инвеститорите не сакаат да преземаат премногу ризик пред пораките на Fed и извештаите за инфлацијата во САД.
Денеска, имено, ќе биде објавен извештајот за потрошувачките цени, кој ќе покаже дали инфлацијата во САД се намалува. Дополнително, челнциите на американската централна банка ќе објават изјава од дводневниот состанок.
Никој не очекува намалување на каматните стапки бидејќи инфлацијата останува покачена, но инвеститорите се надеваат дека претставниците на ФЕД ќе покажат оптимизам во најновите економски и монетарни проекции.
А на повеќето азиски берзи цените на акциите паднаа. MSCI индексот на азиско-пацифичките акции, без јапонските акции, беше во истиот пресек како и тргувањето во Европа во минус 0,1 отсто. Истовремено, јапонскиот индекс Nikkei се лизна за 0,7 отсто, додека цените на акциите во Австралија и Хонгконг паднаа меѓу 0,5 и 1,3 отсто. Во Шангај и Јужна Кореја, пак, се зголемија меѓу 0,3 и 0,8 отсто.
Кинеските берзи се под притисок, бидејќи медиумите пишуваат дека Европската комисија одлучила привремено да примени дополнителни царини од 25 отсто за увоз на кинески електрични возила поради огромните субвенции од кинеските власти. Ова денеска треба да го соопшти Комисијата. Медиумите пишуваат и дека Вашингтон размислува за дополнителни ограничувања во врска со продажбата на чипови со вештачка интелигенција на кинески компании.
Дополнително, утрово беше објавено дека потрошувачките цени во Кина во мај паднале за 0,1 отсто на месечно ниво, додека на годишно ниво пораснале за 0,3 отсто.
Ниската стапка на инфлација покажува дека домашната побарувачка не е силна, што укажува на бавно закрепнување на втората по големина светска економија.