Маѓепсан круг на депресија и губење на помнењето кај повозрасните од 50 години

Депресијата може да придонесе за губење на помнењето и обратно, откриле научниците кои следеле речиси 8.200 Британци во текот на две децении.

Научниците откриле дека „линеарната промена во депресивните симптоми придонесе за забрзано губење на помнењето“ кај испитаниците постари од 50 години. Нивната просечна возраст била 64 години.

Но, не само што депресијата влијае врз помнењето, туку и обратното е точно, заклучија научниците во студијата објавена од Американското медицинско здружение.

„Побрзата промена во меморијата е, исто така, реципрочно поврзана со побрза промена на симптомите на депресија со текот на времето“, велат американските и британските научници. Тимот вклучувал научници и лекари од Универзитетскиот колеџ во Лондон, Медицинскиот центар на Универзитетот во Рочестер и Медицинскиот факултет во Сасекс.

„Психолошкото расположение и меморијата се суштински поврзани“, објаснуваат истражувачите, истакнувајќи дека иако когнитивната дисфункција претходно била поврзана со депресијата, „насоката на оваа асоцијација“ не е јасна.

Учесниците во студијата беа испитувани секоја втора година во периодот од 2002 до 2019 година со тестови за помнење и вербална флуентност и проценки на симптомите на депресија според Центарот за епидемиолошки студии.