Руски нуклеарен мразокршач ќе превезува ученици до Северниот пол

Десетици ученици од Русија и од странство ќе отпатуваат на Северниот пол во август со еден од нуклеарните мразокршачи во земјата, како дел од меѓународниот научен проект, соопштија во вторникот организаторите на патувањето.

Проектот „Мразокршач на знаењето“, чија цел е поддршка на надарените деца ширум светот, ќе донесе 70 ученици на возраст меѓу 14 и 16 години од земји како Индија, Кина, Јужна Африка, Унгарија, Ерменија, Узбекистан и Русија, на еднократно -доживотно патување.

„Ниту една земја во светот, освен Русија, не испраќа деца на Северниот Пол. Ги избравме најсилните деца заинтересирани за природни науки како хемија, физика, математика и биологија“, рече Татјана Терентјева, претседател на жирито и извршен директор во гигантот за нуклеарна енергија Росатом, кој управува со мразокршач на нуклеарен погон.

Додека претходните пет години беа фокусирани на Русија, оваа година проектот доби меѓународна димензија. Странските учесници беа избрани преку Светскиот младински фестивал, кој се одржа во Русија на почетокот на оваа година.

Учениците ќе бидат придружени на нивното патување од реномирани научници, експерти од нуклеарната индустрија и истражувачи од Арктикот.

Бродот ќе тргне од арктичкото пристаниште Мурманск на патување од 2.400 километри до врвот на планетата и назад.

Рускиот „50 лет Победые“ е еден од најголемите нуклеарни мразокршачи во светот и се користи и за комерцијален туризам. Турите до Северниот Пол и назад обично траат 13 дена и имаат цена од најмалку 2,5 милиони рубли (28.000 долари).