ВИДЕО| Тејлор Свифт буквално ја потресе Британија

Обожавателите на Тејлор Свифт буквално ја затресоа земјата на почетокот на нејзината турнеја во Велика Британија, предизвикувајќи сеизмичка активност забележана на шест километри од местото на концертот, соопшти во четвртокот Британскиот геолошки институт.

Американската поп-ѕвезда ја започна својата турнеја под насловот „Eras“ во Велика Британија со три концерта во шкотската престолнина Единбург, на кои од петокот до неделата присуствуваа над 200.000 обожаватели.

Секој концерт го соборуваше рекордот за најпосетен концерт на стадион во историјата на Шкотска, а BGS (Британски геолошки институт) забележа земјотреси за време на концертите.

BGS, исто така, откри дека „најзначајната сеизмичка активност во секоја ноќ“ се случила за време на исполнувањето на омилените песни на фановите „Ready For It?“, „Cruel Summer“ и „Champagne Problems“. За време на песната „Ready for it?“, публиката пренесе приближно 80 киловати енергија, што е еднакво на приближно 6.000 батерии за автомобили.

Ова не е првпат Тејлор Свифт да ги натера своите обожаватели да ја „тресат земјата“, бидејќи нејзините концерти во Сиетл, во САД во јули минатата година предизвикаа сеизмичка активност еквивалентна на земјотрес со јачина од 2,3 степени.

По Единбург, „свифтманијата“ се упатува кон Ливерпул во северозападна Англија, проследено со настапи во Кардиф, во Велс, и на стадионот „Вембли“ во Лондон.

Според истражувањето на „Barclays“ во мај, турнејата се очекува да ја поттикне економијата на Велика Британија за речиси милијарда фунти (1,3 милијарди американски долари). Се проценува дека речиси 1,2 милиони фанови ќе издвојат по 848 фунти за билети, патувања, сместување и сувенири.

„Возбудливо е да се истражува сеизмичката активност предизвикана од различен вид феномен. Очигледно шкотската публика и натаму е најентузијастичката публика!“, изјави сеизмологот на BGS, Калум Харисон.