Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска оствари средба со министерот за надворешни работи на Република Србија, Марко Ѓуриќ, којшто ќе учествува на Самитот на шефови на држави и влади на учесниците во Процесот за соработка во Југоисточна Европа.
На средбата беа потврдени одличните билатерални односи меѓу двете земји, коишто се карактеризираат со традиционално пријателство и беше изразена подготвеност за натамошно унапредување на севкупната соработка во областите од взаемен интерес.
Двајцата соговорници разменија мислења за политичките случувања во двете земји, актуелните состојби во регионот и европската перспектива.
Претседателката Сиљановска Давкова ја истакна важноста за засилена соработка на билатерален план и во рамки на регионалните иницијативи, што е во интерес на стабилноста, просперитетот и економскиот развој на регионот и во духот на добрососедските односи.
На средбата беше посочена потребата за искористување на потенцијалите за развој во областа на економијата и трговската размена, инвестициите, инфраструктурното и енергетското поврзување меѓу двете земји.