Министрите за одбрана на земјите-членки на НАТО и Украина го прифатија планот за долгорочна соработка, изјави во четвртокот генералниот секретар на организацијата Јенс Столтенберг.
„Денеска го прифативме првиот план за соработка и иновации меѓу НАТО и Украина“, рече Столтенберг на прес-конференција по состанокот на Советот НАТО-Украина.
Земјите на НАТО ја координираат поддршката за Украина преку неофицијална група предводена од САД, таканаречената Контакт група за одбрана на Украина (UDCG). Меѓутоа, сега членките на Алијансата разговараат за начините за префрлање на оваа одговорност на формалните структури во НАТО.
Столтенберг додаде дека министрите за одбрана се очекува да одобрат нов центар за обука на Украинците во Полска во петок. Тој, исто така, се очекува да даде зелено светло на плановите за мисијата наречена НАТО безбедносна помош и обука за Украина (NSATU), која веќе беше одобрена на пониско ниво во четвртокот, изјавија извори од Алијансата за германската новинска агенција DPA.
NSATU би значело дека НАТО првпат официјално ќе ја координира воената помош за Украина.
„Повеќе од 99 отсто од целата воена поддршка за Украина е обезбедена од сојузниците на НАТО. Затоа, има смисла НАТО да преземе поголема улога во овие напори“, рече Столтенберг.
Столтенберг, исто така, ги повикува сојузниците да прифатат долгорочна финансиска обврска вредна 40 милијарди евра годишно, за која шефот на НАТО рече дека ќе го задржи сегашното ниво на финансирање.
„Од руската инвазија, сојузниците обезбедуваа воена поддршка во вредност од околу 40 милијарди евра секоја година. Јас предложив да го задржиме ова ниво на поддршка на минимално онолку долго колку што е потребно и сојузниците активно да го делат тој товар“, рече тој во четвртокот, повторувајќи ги неговите забелешки од состанокот на министрите за надворешни работи во Прага минатиот месец.
„Колку подолго планираме и колку подолго сме посветени, толку побрзо Украина може да постигне мир. Затоа што убедливата долгорочна посветеност и покажува на Москва дека не може едноставно да чека поддршката од НАТО да стивне“, рече Столтенберг.
Рече и дека бруто домашниот производ (БДП) на земјите-членки на НАТО ќе послужи како основа за утврдување на правична „поделба на товарот во однос на целта од 40 милијарди евра.
„Американскиот БДП сочинува приближно 50 отсто од вкупниот БДП на НАТО. Затоа, САД ќе бидат одговорни за 50 отсто од оваа обврска, а остатокот ќе биде поделен меѓу европските сојузници и Канада. Ќе се смета само воената помош“, рече Столтенберг.
Сегашниот договор за NSATU не вклучува никакви конкретни финансиски обврски, но предвидува заедничката помош да биде координирана од НАТО.
Предлозите на Столтенберг дополнително ќе бидат разгледани на самитот на лидерите на НАТО во Вашингтон во јули.
UDCG се состана во четвртокот пред состанокот на Советот НАТО-Украина. Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин на прес-конференција по состанокот на UDCG рече дека воздушната одбрана е „главен приоритет на Украина“. Ги поздрави напорите на земјите-членки на НАТО за зајакнување на воздушната одбрана на Украина, како што е холандската иницијатива за составување на системот за противвоздушна одбрана „Patriot“ и распоредувањето на авиони за рано предупредување од страна на Шведска. Италија, исто така, обезбедува ракети „земја-воздух“, рече тој.
Малку подоцна во четвртокот американскиот претседател Џо Бајден и украинскиот претседател Володимир Зеленски потпишаа билатерален договор за долгорочна соработка на маргините на самитот на Г7 во јужна Италија. Петнаесет земји веќе имаат слични долгорочни безбедносни аранжмани со Украина, вклучувајќи ги Велика Британија, Франција и Германија.
Советникот за национална безбедност на Бајден, Џејк Саливан, во средата рече дека договорот нема да вклучува обврска за Вашингтон да распореди американски војници во Украина или обврска да испрати одредени системи за оружје во Киев.
Нивниот договор не е договор ратификуван од Конгресот, што значи дека Доналд Трамп, доколку биде избран за претседател во ноември, ќе може да го поништи.