Мелони во расправија со Г7 околу спомнувањето на абортусот

Италија побара да се отстрани референцата за „безбеден и легален абортус“ од последната заедничка изјава на овонеделниот самит на Г7, изјавија дипломатите во четвртокот.

Висок американски функционер рекол за Reuters дека американскиот претседател Џо Бајден го одбил барањето.

Коминикето на Г7 издадено по самитот на лидерите во Хирошима, Јапонија минатата 2023 година повика на „пристап до безбеден и легален абортус и грижа по абортусот“.

Сличен повик предложија француските и канадските дипломати за време на разговорите пред состанокот во 2024 година, чиј домаќин беше националистичката конзервативна премиерка на Италија, Џорџа Мелони.

„Сите други земји ги поддржаа, но тоа беше црвена линија за Мелони, така што не е во финалниот текст“, изјавил еден дипломат за Reutes.

Канцеларијата на Мелони соопшти дека ниту една земја не побарала да се отстранат „прашањата поврзани со абортусот“ од нацрт-заклучоците, а италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани рече дека преговорите продолжуваат.

„Различни делегации разговараат за тоа, така што е рано да се прават анализи и бескорисни предвидувања. Ќе видиме на крајот каков ќе биде договорот“, изјави Тајани за италијанскиот телевизиски канал Sky.

Мелони е цврсто против абортусот, откривајќи во неодамнешната автобиографија дека нејзината мајка била блиску да ја абортира.

Францускиот претседател Емануел Макрон во четвртокот изјави дека Франција не ги споделува своите ставови за абортусот со Италија.