Американската администрација е сѐ позагрижена дека Израел ќе започне војна со либанското шиитско движење Хезболах и нема да може да се справи со добро подготвената и вооружена милиција без помош на САД, објави американската телевизиска мрежа CBS News повикувајќи се на дипломатски извори.
Баражниот ракетен оган што оваа седмица беше разменет меѓу израелската војска и Хезболах во Либан и северен Израел предизвикува сѐ поголема загриженост дека ескалацијата би можела да го доведе регионот разорен од децениските војни поширок конфликт меѓу главниот американски сојузник и милицијата поддржана од Иран, се наведува во прилогот.
Од почетокот на тековната војна меѓу Израел и палестинското исламистичко движење Хамас ланскиот 7-ми октомври, администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден трескавично работи на намалување на можноста за ширење на воениот пожар во регионот што би ги вовлекло САД во нов блискоисточен судир или може да ги доведе во дополнителен ризик американските војници распоредени во регионот во Сирија, Ирак и Јордан, а кои изминатите месеци стотина пати веќе беа цел на удари на со проектили и дронови на шиитски милиции во регионот. Амос Хохштајн, висок дипломатски советник на претседателот Бајден, во понеделник ќе отпатува за Израел во напорите за деескалација на конфликтот на израелско-либанската граница, пишува CBС цитирајќи неименуван американски функционер.
Според соговорниците на телевизијата, американските власти се загрижени од развој на неколку сценарија. Некои за CBS News ги толкуваат неодамнешните израелски удари подлабоко на територијата на Либан како подготовка на бојното поле за широк напад на Силите за одбрана на Државата Израел (ЦАХАЛ). Хезболах од своја страна одговори со лансирање поголеми ракетни напади врз северот на Израел предизвикувајќи пожари на тамошни земјоделски стопанства и друга инфраструктура. Тоа предизвикува сѐ поголема загриженост кај американските функционери дека Израел ќе започне војна против Хезболах на територијата на Либан, што нема да може да ја заврши без поддршка од САД.
Други американски функционери рекле за CBS дека нивното стравување е насочено на Хезболах и споменуваат сценарио во кое обемот на ракетните напади врз Израел може да резултира со несакани последици, како што е поголем број жртви што не беше случај во досегашните судир, на што израелската власта ќе смета дека е должна да одговори и што потоа може да води кон непосакувана војна.
Во средата, израелската армија објави дека вкупно околу 160 гранати и ракети биле истрелани од Либан кон северот на земјата, од кои некои не биле пресретнати од воздушната одбрана, што предизвикало пожари во неколку области. Ситуацијата на израелско-либанската граница се влоши по почетокот на израелските воени операции во Појасот Газа во октомври 2023 година. Престрелките меѓу двете страни се секојдневни во областите долж границата. Според либанското Министерство за надворешни работи, околу 100 илјади луѓе морале да ги напуштат своите домови на југот на земјата поради гранатирање од Израел. Тел Авив пријавил околу 80 илјади жители на северот на еврејската држава кои се нашле во слична ситуација.
Како што натаму се наведува во прилогот, во самиот Израел заканата од Хезболах станала силен политички проблем, бидејќи многу Израелци кои ги напуштија своите домови во северниот дел од земјата сега станаа внатрешно раселени лица. По нападот на Хамас во јужен Израел од 7-ми октомври и започнувањето на војната во Појасот Газа, голем број жители на северен Израел и јужен Либан беа присилен да ги напуштат своите домови поради спорадичните престрелки со стотина жртви, главно на либанската страна, стравувајќи дека регионот може брзо да се претвори во боиште.
Зголемената прекугранична размена на оган меѓу Израел и Хезболах им отежнува на САД да ги намалат тензиите во регионот, особено во настојувањата на администрацијата на Бајден да посредува за договор за заложниците и прекин на огнот во Газа. Администрацијата смета дека разговорите за прекин на огнот и тензиите меѓу Израел и Хезболах се испреплетени, пишува CBS News.
Висок официјален претставник на администрацијата на Бајден им рече на новинарите во Италија во четвртокот на маргините од самитот на Г7 дека „Најважната работа во врска со договорот за ослободување заложници и прекин на огнот што е на маса сега е дека ако се постигне, може да има влијание на северот (на Израел), така што тоа е можност за нас да можеме целосно да го затвориме овој конфликт“.
Официјалниот претставник, исто така, рекол дека како дел од каков и да е договор за прекин на огнот, мора да има „специфични аранжмани со Либан на заедничката граница“.
„Мора да има договор што ќе им дозволи на Израелците да се вратат во своите домови на северот со безбедносни гаранции дека не е 6-ти октомври за Хезболах… седи токму на сината линија“.
Неодамнешниот израелски напад во кој беше целен и убиен командантот Талеб Абдула, еден од највисоките членови на Хезболах, предизвика одговор. Јавните настани во знак на жалост во чест на Абдула се очекуваат во наредните денови, а потоа и евентуален одговор, проценува CBS News.
За разлика од ненадејниот напад на Хамас во октомври, можната војна со Хезболах во Либан е нешто што израелската војска го има како опција со години наназад, според американските власти. Израелските трупи во северната команда вежбаат во единици со големина на бригада, но сè уште не се во позиција да започнат напад, изјави американски официјален претставник.
Мировните сили на Обединетите нации во Либан (UNIFIL), кои ја надгледуваат областа од 1978 година, уштев во јануари го прогласија вториот највисок степен на аларм.
Израел бара Хезболах да се повлече од границата за да обезбеди безбедност на цивили на северот на земјата. Исто така, Тел Авив се закани со употреба на воени агенти доколку не доведат до дипломатски напори за повлекување. Повеќе од 76.000 луѓе ги напуштија своите домови во јужниот дел на Либан од почетокот на неодамнешните размени на оган. Повеќе од 80.000 луѓе беа евакуирани од израелската страна на границата…
Овие судири од почетокот на октомври претставуваат најсериозен воен конфликт од втората либанска војна во 2006 година. Но, набљудувачите велат дека двете страни сè уште следат одредени непишани правила, бидејќи досега избегнуваа натамошна ескалација.
Хезболах, кој е поддржан од Иран, ја контролира владата во Либан и има арсенал на ракети кои претставуваат закана за Израел. Еврејската држава, од друга страна, се смета дека е воено способна да му нанесе неизмерно голема штета на Либан.
Либанската шиитска групација Хезболах е активна во јужен Либан и во Сирија, чијашто територија на Голанската висорамнина Израел ја анектираше во 1981 година.
Хезболах, чии милиции се вооружувани и обучувани од Иран, е далеку помоќна борбена форамција од палестински Хамас, а разликата е и во припадноста на шиитскиот и сунитскиот огранок на исламот. Од последната војна меѓу Израел и Хазболах во 2006 година, либанското движење стана многу помоќно. Се проценува дека Хазболах има арсенал од повеќе од 100.000 ракети, а покрај тоа неговите единици се здобија со богато борбено искуство учествувајќи од 2011 година во војната во Сирија.
Хезболах и Израел водеа две големи војни од 1980-тите. Израелските трупи беа принудени да се повлечат од Либан по конфликтот во 2006 година. Хезболах има значително присуство во јужен Либан и периодично се конфронтира со израелските сили кои патролираат по границата.
Во војната од 2006 година со израелската сила, Хезболах се покажа како сериозен противник, а воените аналитичари предупредуваат дека неговите борци се стекнале со големо борбено искуство со учеството во војната во соседна Сирија започната од 2011 година, и оти движењето е добро вооружено благодарејќи на целосната поддршка од Иран.
Движењето на шиитската заедница во Либан со неговото воено крило е формирано во заднината на долгата граѓанска војна со вмешаност на САД и Израел во 1982 година со поддршка на Иранската револуционерна гарда. Се смета дека е најдобро вооружена групација во регионот на Блискиот исток, а се здоби со големо борбено искуство учествувајќи во регионалните војни главно во Сирија на стрнаа на владата на претседателот Башар ал-Асад.