ЕВРО 2024: Бајрами го постигна најбрзиот гол во историјата на ЕП, но Италија со пресврт ја совлада Албанија

Со голот на албанскиот фудбалски репрезентативец Недимо Бајрами во 22. секунда почна средбата од првото коло од групата Б на ЕУРО меѓу Албанија и Италија, што е најбрзиот гол во историјата на европските првенства и за 40 секунди побрз од досегашниот рекорд на Русинот Дмитри Кириченко остварен пред точно 20 години во победата над Грција од 2:1 на шампионатот во Португалија.

Италијанскиот фудбалер Димарко несмасно изведе аут и ја уфрли топката во сопствениот шеснаесетник, во правец на голманот Донарума. Но, Албанецот Бајрами прв стигна до топката и „од прва“ жестоко удри по топката и ја смести под гредата за водство на својата репрезентација и делириум на албанските навивачи на стадионот во Дортмунд. Така Бајрами се запиша во историските книги на европските првенства, но албанското славје многу брзо згасна бидејќи Италија во 16. минута го сврте резултатот.

Експресното воство на Албанија не ги шокираше Италијанците, туку се чини дополнително позитивно ги стресе. Веќе во втората минута се закани инаку одличниот Скамака, но не погоди за израмнување. Италија тогаш не постигна гол, но тоа го направи во 11. минута кога асистираше Пелегрини, а топката на втората статива ја пречека Бастони и сосема осамен со глава погоди за 1:1.

Продолжи доминацијата на Италијанците и тие многу брзо поведоа, во 16. минута. Топката се одбиваше околу албанскиот шеснаесетник, а потоа дојде до Барела, кој веднаш шутираше од 17 метри и убаво ја погоди противничката мрежа за 2:1.

До крајот на првото полувреме подобра беше Италија. Добро комбинираше, создаваше убави акции и можеше да го зголеми водството, но не успеа. Во 33. минута Албанија се спаси од погодок на Фратеси по убавата асистенција на Скамака.

Пред паузата Италијанците имаа уште две добри шанси, а Албанците една. Скамака и Пелегрини му се заканија на Стракоша, но беа малку непрецизни, додека Асани се обиде со удар од далечина да го изненади Донарума.

Во воведните минути од вториот дел се преслика натпреварот од првите 45 минути. Италија доминираше по поседот, напаѓаше и така ја задржа предноста од еден гол. Киеза ја имаше првата голема шанса по точно еден час игра, а неговиот удар беше само малку непрецизен.

Италијанците особено беа опасни во повторувањето на акацијата на кој го постигнаа првиот гол. Уфрлувањата на втората статива претставуваа опасност за Албанците, кои пак, како што се ближеше крајот на мечот, ризикуваа во нивната игра, но не му се заканија на Донарума на вистински начин. Извесна живост во албанската игра внесе растрчаниот Хоџа, но тоа беше премалку за концентрираната италијанска одбрана.

Во текот на целото второ полувреме не се создадоа многу шанси, а еден срамежлив удар во 80. минута без реална опасност испроба Димарко. Како што Албанците ја шокираа Италија на самиот почеток, можеа и на самиот крај. Во 90. минута Манај убаво ја стаса долгата топка и во шутот го мина италијанскиот голман Донарума, но топката потоа одеше паралелно со гол-линијата. Сепак, се чини дека, топката притоа го закачи италијанскиот голман но не беше досуден корнер. Во судиското продолжение Митај се обиде од далечина, но Италија ја задржа предносто и ги обезбеди тартните три бода.

Во второто коло од оваа група Б, Албанија во среда со почеток од 15 часот ќе игра против Хрватска во Хамбург. Италија и Шпанија својот натпревар од второто коло го играат ден подоцна од 21 часот.