Советот на ЕУ денеска донесе одлука за продолжување на санкциите воведени како одговор на илегалната анексија на Крим и градот Севастопол од страна на Русија до 23 јуни 2025 година, јави МИА од Брисел.
Рестриктивни мерки кон Русија во врска со анексијата првпат беа воведени во јуни 2014 година и тие вклучуваат забрани за увоз во ЕУ на производи кои потекнуваат од Крим или Севастопол, како и за инфраструктурни или финансиски инвестиции и туристички услуги на овие територии.
Понатаму, со санкциите се забранува извоз на одредени стоки и технологии од ЕУ за Крим, кои би можеле да се користат во транспортниот, телекомуникацискиот и енергетскиот сектор или за истражување и производство на нафта, гас и минерални ресурси.
– ЕУ не ја признава и натаму ја осудува илегалната анексија на Крим и Севастопол од страна на Руската Федерација како кршење на меѓународното право.
Од 2022 година, Русија дополнително го нарушува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина со нејзината неиспровоцирана и неоправдана агресивна војна против Украина.
ЕУ останува цврста во својата посветеност на независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во рамките на нејзините меѓународно признати граници и нејзиното вродено право на самоодбрана од руската агресија и посветена на целосно спроведување на нејзината политика за непризнавање, се додава во соопштението на Советот.