
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Република Казахстан, Сатибалди Буршаков.
На церемонијата на предавање на акредитивните писма, таа ги нагласи македонскиот интерес и подготвеноста за натамошно севкупно унапредување и развој на односите и соработката со Казахстан во сите домени од заеднички интерес, како на билатерален, така и на мултилатерален план. Во таа насока, Претседателката изрази надеж дека амбасадорот Буршаков во рамки на својот иден ангажман ќе придонесе кон нивно севкупно зајакнување внесувајќи притоа и нови содржини и форми преку поинтензивен политички дијалог и зајакната економска соработка.
Амбасадорот Сатибалди Буршаков во своето обраќање истакна дека од воспоставувањето на дипломатските односи, казахстанско-македонската соработка забрзано напредува врз основа на взаемните врски на пријателство, меѓусебно разбирање и заеднички вредности. Амбасадорот додаде дека е почестен што е првиот резидентен казахстански амбасадор во Скопје истакнувајќи ја непоколебливата посветеност на неговата земја за јакнење на политичкото, трговското и инвестициското партнерство, како и продлабочување на културните врски во интерес на двата народа.
Претседателката Сиљановска Давкова на новоименуваниот амбасадор му посака успех во извршувањето на одговорната дипломатска функција.