Централниот регистар го одби барањето за регистрација на Комората за вештачење

Реакциите на институциите, односно Централниот регистар, во врска со именувањето на Комисијата за вештачење во Министерството за правда со коешто сѐ уште раководи техничкиот министер Кренар Лога, само ги потврдуваат пишувањата на НетПрес за самоволието и непочитувањето на законите во овој ресор.

Како што пишувавме, на само еден месец пред одржувањето на парламентарните избори и кога веќе беше познат исходот и дека партиската опција на министерот Кренар Лога ќе замине во опозиција, во стилот на минатата власта не престанаа жестоко критикувани навики практикувани изминатите седум години, на самоволие, непотизмот и бруталната партизација на администрацијата што резултира со непрофесионалност на штета на институциите коишто требаше да бидат сервис на граѓаните.

И откако НетПрес пишуваше за продолжение на беззаконието и самоволието во овој ресор, потврден во случајот на невиденото брзо напредување на Арбреша Селими по само еден месец од вработувањето во Министерството, набрзо се појавија тврдења и документи кои упатуваа на констатација дека самоволието и незаконското работење на министерот Кренар Лога, и на неговиот кабинет, повторно добиле потврда при основањето на Комората за вештачење и изборот за нејзин претседател на д-р Виктор Исјановски, кадар на СДСМ директор на Здравствениот дом-Скопје, но и уште десетмина членови на оваа комора.

Имено, како што пишувавме, дали министерот за правда по неколку месеци и со тоа спротивно на член 66 став 1 од Законот за вештачење свикал Основачко собрание на Комората за вештаци на ден 10.04.2024 година. Притоа, според нив се забележуваат две дубиози. Прво, министерот Кренар Лога демонстрирал непочитување на Законот за вештачење кој предвидува дека Основачко собрание министерот ќе свика најдоцна во рок од три месеца од стапувањето во сила на законот, којшто, инаку, влегува во сила на ден 28.07.2023 година, што значи дека Министерот го свикал Основачкото собрание дури по шест месеци од законскиот рок! И, второ, првиот датум за свикување на Основачко собрание е државен празник со што покажале непочитување на еден значаен датум и воопшто непознавање на датуми кои со закон за определни за државни празници. Затоа, на веб страницата поставиле втор повик со нов датум – 15.04.2024 година! Соговорниците, така коментираат дека досега во историјата на Министерството за правда, не се случило толкаво незнаење, толку кршење на законите и тоа од самото министерство кое ги подготвува законите и истите треба да ги почитува.

Според сознанијата на НатПрес „случајот“ се развива од моментот кога министерот за правда Кренар Лога, спротивно на член 65 став 1 од Законот за вештачење поставил за раководители и заменици на професионални одделенија лица кои воопшто не се пријавиле на повикот од министерството и не доставиле свои податоци што претставува услов за нивно именување во раководители и заменици.

Впрочем, во истиот контекст е дописот од минатиот петок, во кој НетПрес имаше увид, со кој Централниот регистер го одбива Барањето за упис на основање на Комората за вештачење од 20-ти мај, со кое уште следнот ден подносителот, односно Министерство за правда е известено дека во поднесокот има недостатоци.

Како што се наведува во одговорот на Централниот регистер, а што се совпаѓа и со претходното пишува на НетПрес, Министерството во пријавата не навело „догаз за начинот на свикување на седницата за Основачкото собрание на Комората“, што е предвидено со челнот 66, став 1“, во кој инаку се наведува дека „Во рок од 30 дена од денот на влегување во сила на овој закон, сите вештаци со важечка лиценца за вештачење се должни по електронски пат да достават до Министерството за правда, свои податоци, и тоа: име и презиме, адреса на живеење, телефонски број и регистарски број на лиценца, заради нивно групирање во професионални одделенија во согласност со член 32 од овој закон“.

Покрај тоа, Централниот регистер во своето образложение наведува дека во барањето зарегистрација на Комората воопшто не се наведуваат вкупниот број членови преттавници на Основачкото собрание на Комората, кое треба да содржи и лични податоци преку кое ќе се утврди нивното својство, односно кои од нив се раководите и нивни заменици на професионалните оддели, а кои се избраните претставници во секое професионален оддел, а отсуствува и список со вкупниот број членови.

Интересно е што во споменатиот допис се наведува дека се доставени „незаверени“ копии на Известувањето од Министерството за правда за свикувње на Основачко собрание на Комората на вештаци, како и за одложувањето на седницата со идентични архивски броеви. А од приложената документација, Централниот регистар констатирал дека „не е испочитуван законскиот рок од три месеца за свикување Основачко собрание на Комората“ . Тоа е во спротивност со прописите според кои Основачкото собрание го свикува министерот за правда, во случајот Кренар Лога, најдоцна три месеца до денот на стапување на сила на законот, за пто ги известува вештаците најрабно 15 денапред одржување на седницата на Основачкото собрание.

Како што претходно пишувавме, наводите на изворите од Министерството за правда наметнуваат прашањата, кои НетПрес и ги упати до Министерството за правда а до денес по речеиси два месеца не доби одговоро: дали министерот постапил согласно одредбите од Законот за вештачење и тоа: член 65 став 2 кој утврдува обврска на министерот да ги формира професионалните одделенија и да постави нивни раководители и заменици, како и дали министерот Лога согласно овој член од законот определил претставник на секое одделение кој ќе учествува на Основачкото собрание и гласа? Дали претседателот на Комората за вештаци е избран само од 15 раководители на професионални одделенија, а државниот советник Арбреша Асани која го водела целокупниот процес и ги водела сите разговори го известила министерот Лога дека треба да делегира по еден претставник од секое професионално одделение и заедно со раководителите на Основачкото собрание да го изберат претседателот на Комората?

Меѓутоа, Лога не се запрел само на тоа и продолжил, како што сметаат тие, да го крши Законот за вештачење од само нему познати причини. Така, повторно спротивно на член 65 став 1 од Законот за вештачење, поставил за раководители и заменици на професионални одделенија лица кои воопшто не се пријавиле на повикот од министерството и не доставиле свои податоци што претставува услов за нивно именување во раководители и заменици, односно вкупно единаесет лица? Од 18 назначени раководители и заменици, како што тврдат соговорниците, 11-мина се незаконски поставени од страна на министерот. И притоа го поставуваат прашањето на што се должи таквото очигледно свесно незаконско постапува на министерот Лога – дали станува збор за коруптивно однесување или за лични или партиски интереси, а за тоа велат ќе биде известена Државната комисија за спречување на корупција.

Всушност, во овој случај круцијалното прашање е: дали и зошто министерот за правда Кренар Лога постапил спротивно на одредбите од Законот за вештачење и тоа: член 65 став 2 кој утврдува обврска на Министерот да ги формира професионалните одделенија и да постави нивни раководители и заменици и, второ, да определи претставник на секое одделение кој ќе учествува на Основачкото собрание и гласа? Зошто министерот за правда не изготвил список преку своите доверливи кадри во кабинетот и со тоа целата постапка за избор на претседател е незаконита.

Вака, посочуваат соговорниците запознаени со конкретниот случај, претседателот на Комората за вештаци е избран само од 15 раководители на професионални одделенија, а државниот советник Арбреша Асани која раководела со целокупниот процес и ги водела сите разговори „заборавила“ да го извести Министерот дека треба да делегира по еден претставник од секое професионално одделение и заедно со раководителите на Основачкото собрание да го изберат претседателот на Комората.

НетПрес исто така со прашање се обрати до Министерствово за правда, дали Лога пред одржување на Основачкото собрание наводно имал претходни средби во неговиот кабинет со избраниот претседател др. Виктор Исјановски, преку партиски канали на Алијанса за Албанците?! Покрај тоа, од уптени извори бевме информирани дека се подготвувал материјал за тоа колку лиценци за вештачење се издадени во мандатот на министерот Кренар Лога, за спроведување на постапката, за пропишаните услови и почитувањето на законот. Подари тоа, се очекува сериозна истрага и откривање на недозволени активности во министерството во оваа тема.

За секој од претходно споменатите наводи барање за коментар побаравме од Министерството за правда.

НетПрес, исто така, се обрати и до Државната комисија за спречување на корупцијата, од каде потврдија дека на 18.04.2024 година, е доставена пријава со наводи поврзани со спроведување на Законот за вештачење и основањето на Комората за вештаци. Во пријавата доставена до ДКСК, пак, се укажува на кумулација на функции со тоа што исто лице е истовремено член на Управниот одбор на Комората за вештаци, претседател на Комората за вештаци како и директор на Јавна здравствена установа. Во пријавата, исто така, се поставува прашањето за законитоста на постапката за основање на Комората за вештаци и избор на членовите на Управниот и Надзорниот одбор на Комората во време на изборен период.

„По однос на пријавата во ДКСК е оформен предмет и постапувањето по истиот е во тек. По утврдување на фактичката состојба, ќе биде донесена одлука на јавна седница и истата ќе биде објавена на веб-страницата на ДКСК“, стои меѓу другото во одговорот на Антикорупциската комисија.