Столтенберг рече дека Руте е „силен кандидат“ за негов наследник

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во вторникот оцени дека Марк Руте е многу силен кандидат за негов заменик, откако холандскиот премиер во заминување ја доби поддршката од Унгарија и Словачка.

Организацијата на Северноатлантскиот договор донесува одлуки со консензус, така што кандидатот мора да ја добие поддршката од сите 32 сојузници. Само Романија сѐ уште се спротивставува на кандидатурата на Руте, со оглед на тоа што таа позиција ја посакува и романскиот претседател Клаус Јоханис.

Холандската телевизија NOS објави, цитирајќи извори запознаени со ова прашање, дека Руте ќе го наследи Столтенберг, кој се повлекува во октомври по речиси десет години на чело на Алијансата. Агенцијата Reuters не добила коментар од НАТО на веста од Холандија.

Столтенберг рече дека процесот на донесување одлуки е многу блиску до крајот.

„Мислам дека е очигледно дека во Алијансата сме многу блиску до финализирање на изборот на нов генерален секретар. И мислам дека тоа е добра вест“, рече тој на прес-конференција со американскиот државен секретар Ентони Блинкен во Вашингтон.

„Мислам дека Марк Руте е многу силен кандидат. Тој има големо искуство како премиер, тој е близок пријател и колега и затоа силно верувам дека Алијансата многу брзо ќе донесе одлука за мојот наследник и дека ќе биде добро за сите нас, за НАТО и за мене“, доплни Столтенберг.

Унгарија го поддржа Руте по минатонеделната средба на унгарскиот премиер Виктор Орбан со Столтенберг, на која двете страни се договорија Унгарија да не ја блокира одлуката на НАТО за поддршка на Украина, но и дека нема да учествува во неа. Истите гаранции Орбан ги добил и во разговорите со Руте

„Премиерот Марк Руте потврди дека целосно го поддржува договорот и ќе продолжи да го прави тоа доколку стане следниот генерален секретар на НАТО. Во духот на тоа ветување, Унгарија е подготвена да ја поддржи кандидатурата на премиерот Руте за генерален секретар на НАТО.“, објави Орбан во вторникот во „Х“.