Јоханис ја повлече кандидатурата за шеф на НАТО и го поддржа Руте

Романија го поддржува холандскиот премиер Марк Руте како генерален секретар на НАТО, отстранувајќи ја последната пречка на неговиот пат до највисоката функција во Северноатлантскиот воен сојуз, се вели во соопштението објавено од кабинетот на романскиот претседател Клаус Јоханис обајвено во четвртокот.

Јоханис, исто така, се кандидираше за функцијата, но „на крајот од минатата седмица ги информираше сојузниците во НАТО дека ја повлече својата кандидатура за функцијата“, се вели во соопштението.

Романскиот Врховен совет за одбрана (CSAT) во четвртокот се изјасни „за романската поддршка на кандидатурата на холандскиот премиер“, се вели во соопштението.

Тоа значи дека се отстранети сите пречки на патот на Руте да стане следниот генерален секретар на НАТО. Романија беше единствената земја-членка која досега јавно не го поддржа Руте, кому му е потребна едногласна поддршка од сите 32 земји-членки. Унгарија и Словачка му дадоа поддршка на Руте по самитот на челниците на земјите од Европската унија претходно оваа седмица.

Мандатот на досегашниот генерален секретар Јенс Столтенберг завршува на 1 октомври по неколкуте продолжувања, во прв ред поради руската инвазија во Украина.

„Мислам дека е јасно дека сме блиску до заклучок во алијансата, дека сојузниците ќе го изберат следниот генерален секретар. Мислам дека тоа е добра вест“, рече Столтенберг во вторникот во Вашингтон.