Фондот за здравство објасни како настанал долгот од 430.000 евра

Во врска со судските спорови и побарувањата од 430.000 евра по 12 тужби од германска болница, Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија (ФЗОРСМ) вели дека станува збор за лекувања на осигуреници од 2016 до 2018 година за кои болницата испратила фактури во 2020 година и дека таа не постапила според упатствата на Фондот.

„Се работи за осигуреници кои се упатени со решение на Фондот да се лекуваат во странската болница во 2016, 2017 и во 2018 година, за што е изршено авансно плаќање согласно доставена профактура од самата болница. Во решението е наведено во која здравствена установа ќе се лекува осигуреникот, колкав период за болничко лекување се одобрува, колку парични средства се одобруваат според претходно издадената профактура од странската болница. Заедно со решението Фондот изготви и допис – известување до странската болница со кое информира дека е прифатена доставената профактура и дека доколку во текот на лекувањето се јави потреба од продолжување на болничкиот престој над одобрениот од страна на Фондот и/или потреба од дополнителни трошоци, Фондот треба да биде веднаш известен. Исто така со ова известување Фондот информира дека нема да бидат прифатени и платени трошоци кои не се однапред одобрени и дека фактурата од завршеното болничко лекување треба да биде доставена во рок од 30 дена од завршувањето на истото, со цел финансиско затворање на секој предмет поединечно“, се наведува во реакцијата на Фондот откако Државниот завод за ревизија вчера го објави ревизорскиот извештај за 2022 година за ФЗОРСМ.

Оттаму велат дека судските спорови произлегуваат поради тоа што странската болница не постапила по насоките дадени во известувањата на Фондот и за побарувањата за дополнителни трошоци го известила Фондот повеќе од две години подоцна, односно на почетокот на 2020 година, што не е во согласност со правната регулатива пропишана од Фондот.

„Со ваквото ненавремено постапување на болницата, довело до тоа Фондот и осигурените лица да немаат сознанија за конечните трошоци од лекувањето за да можат да поведат постапка со барање за признавање на разликата од одобрениот аванс до конечните трошоци или т.н. дополнителни трошоци од лекувањето. Фондот навремено ги преземал сите потребни дејствија кои се во негова надлежност и ги упатил осигурените лица на лекување во странската болница. Додека во делот на финансиско-сметководствено затворање на плаќањата со болницата во тек се судски постапки“ се додава во реакцијата од Фондот.