Европската фудбалска федерација (УЕФА) отвори истрага против албанскиот репрезентативец Мирилинд Даку во врска со националистичките скандирања против македонската држава по завршувањето на вчерашниот дуел на ЕВРО2024 меѓу Албанија и Хрватска.
Даку, кој е роден во Косово, по завршувањето на натпреварот од второто коло во групата Б меѓу Албанија и Хрватска се упати кон трибините на стадионот во Хамбург и преку мегафон ги навредуваше Македонците и македонската држава, а потоа ги повика во тоа да му се приклучат и навивачите на албанската репрезентација.
Претходно во петокот Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) ги осуди постапките на Даку и побара релевантните институции да го истражат овој инцидент и да преземат соодветни дисциплински мерки за зајакнување на стандардите на однесување што се очекуваат од сите спортисти.