САД покренуваат тужба против TikTok за кршење на правата за приватност на децата

Американското Министерство за правда планира претстојната тужба против TikTok да ја фокусира на наводите дека популарната платформа за социјални медиуми ги прекршила правата на приватност на децата, наместо на наводите дека ги доведувала во заблуда возрасните корисници за нејзините практики за приватност на податоците, според извор запознаен со ова прашање.

Американската Федерална трговска комисија (FTC) истражувала потенцијални прекршувања на споменатото право од страна на TikTok и нејзината матична кинеска компанија „ByteDance“ и во вторникот го упатила случајот до Министерството за правда.

„Истрагата откри причина да се верува дека именуваните обвинети го прекршуваат или ќе го прекршат законот и дека постапката е во јавен интерес“, се вели во изјавата во вторникот на FTC.

Уште во 2020 година агенцијата Reuters првпат објави дека FTC и американското Министерство за правда ги истражуваат наводите дека популарната апликација не успеала да го исполни договорот од 2019 година, чија цел е заштита на приватноста на децата.

Од TikTok одговориче дека никако не се согласуваат со наводите на FTC и се разочарани што агенцијата одлучила да поднесе тужба.

Истрагата е одвоена од тековната загриженост во Конгресот за можноста дека кинеската влада може незаконски да пристапи до податоците на 170 милиони американски корисници на TikTok, што платформата го негира.

TikTok го оспорува законот усвоен во април годинава во САД со кој се бара од неговиот кинески основач „ByteDance“ да се ослободи од сопственоста на TikTok во САД во полза на американска компанија до 19 јануари или ќе се соочи со забрана. „ByteDance“ во четвртокот соопшти дека без судска интервенција, забраната би била неизбежна и дека одземањето на сопственоста „не возможно технолошки, комерцијално или правно“.