Одговорност на Израел, како окупаторска сила во Појасот Газа, е да воспостави јавен ред и безбедност на палестинската територија за да може да се достави хуманитарна помош, соопштија доцна во петокот Обединетите нации.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутерешм рече дека владее „потполно беззаконие“ во Газа, каде што ОН предупредија дека 2,4-те милиони жители на енклавата се во опасност од глад по повеќе од осум месеци војна меѓу Израел и Хамас.
„Повеќето камиони со хуманитарна помош сега се ограбени. Во Газа владее тотален хаос и нема власто на поголемиот дел од територијата“, изјави Гутереш за новинарите, додавајќи дека Израел ги спречил ОН да користат палестинска цивилна полиција за обезбедување помош.
Израелската војска во неделата објави дека ќе има дневни паузи во нападите долж клучниот пат во јужниот дел на Појасот Газа што ОН и хуманитарните групи го користат за пристап до граничниот премин Керем Шалом од Израел.
Портпаролот на ОН, Фархан Хак, во петокот рече дека, покрај борбите меѓу Израел и Хамас, ризикот од криминал „ефикасно го спречил хуманитарниот пристап“ до критичните области.
„Како окупаторска сила, израелските власти имаат должност да го обноват јавниот ред и безбедност што е можно повеќе и да овозможат безбеден хуманитарен пристап за да може помошта да стигне до цивилите кои имаат потреба“, рече Хак.
Амбасадорот на Израел во ОН, Гилад Ердан, одби за Reuters да коментира.
Хамас дојде на власт во Газа по изборите спроведен во 2006 година, откако израелските војници и доселеници се повлекоа во 2005 година, но Обединетите нации сè уште ја сметаат енклавата за територија окупирана од Израел, особено по војната што започна ланскиот 7 октомври и масовната копнена офанзива на израелските сили во енклавата. Израел уште од 2005 година, по повлекувањето, речиси херметички го контролира пристапот до Појасот Газа од сите правци, и тоа од копно, од воздух и од море.
„Гледаме големи тешкотии во дистрибуцијата внатре во Газа. Мора да постои механизам кој ќе гарантира дека постои минимум закон и ред што овозможува да се случи оваа распределба. Затоа е неопходно прекин на огнот за правилно да се организира“, рече Гутереш.