Поранешениот пратеник од редовите на СДСМ, Миле Андонов, починал по пад од кров на неговата викендица на Осоговските Планини.
– Во 18 часот од итната медицинска помош било пријавено дека на планината Осогово М.А. роден 1962 година од кочани додека работел на кровот од викендицата, паднал и починал на лице место. Од страна на итната медицинска помош била констатирана смрт, известен е јавен обвинител – се вели во соопштението на МВР.
Во три мандати, во периодот од 2008 до 2016 година, Андонов беше дел од пратеничката
група на СДСМ, членуваше во Буџетскиот совет на Собранието, а се наоѓаше и во составот
на комисиите за економски прашања и за финансирање и буџет. Исто така, беше дел од
собраниските пратенички групи за соработка со парламентите на Белгија, Чешка и Шпанија.
Како дипломиран економист, Андонов повеќе години водеше приватен бизнис во областа
на текстилството.
Од Андонов на социјалната мрежа Фејсбук се простија неговите сопартијци.
„Сочувство до семејството, роднините и пријателите на трагично починатиот Миле Андонов, наш почитуван другар и сопартиец. Андонов даде значен придонес во развојот на Кочани, но и во политичко-економскиот живот во земјата, како пратеник во Собранието од редовите на СДСМ, но и како силен поддржувач на реформските процеси, на прогресивните, социјалдемократски политики. Нека почива во мир“,напишаа од СДСМ.