Земјоделските производители од кочанското село Грдовци попладнево организираа протест во оризовите ниви затоа што повеќе од половина месец нивните површини се оставени без вода.
Реагирале до водостопанската поружница „Брегалница“ во Кочани од каде им одговориле дека е добиена наредба водата да се дистрибуира за потребите на земјоделските површини кај Свети Николе.
-Оризовите полиња веќе трета недела се оставени без капка вода, ова е катастрофа, штетата ќе биде ненадоместлива. Оризот е специфична земјоделска култура која не се наводнува, туку за време на вегетацијата треба да биде целосно под вода. Токму во перидот кога најмногу му е потребна водата, растението е оставено да изгори на високите дневни температури. Во водостопанската подружница ни рекоа дека имаат наредба од централата во Скопје да пуштаат вода за земјоделците во Светиниколско. Ние не сме против тоа, но сакаме водата да се пушти и овде, толку колку што ни е ветено според планираните количини, истакна Игорчо Ангелов, оризопроизводител од Грдовци.
Земјоделците реагираат што оризот е оставен да изгори на високите дневни температури и дека тоа директно ќе влијае на малите количините и слабиот квалитет при жетвата наесен.
-Водата ја запреа за да испрскаме против плевели и да извршиме потхранување на оризот со ѓубрива, а откако таа постапка ја исполнивме наместо да биде пуштена водата во нивите, тие се оставени да се сушат. Земјата е пеплосана, а оризовото стебло е пожолтено. Џабе инвестиравме во производството кога на крајот ќе нема ништо за жнеење. Не се виновни вработените од подружницата во Кочани на кои ниту чизми не им купуваат, а имаат и само една машина за ископ на каналите, туку од АД „Водостопанство“ од Скопје треба да дојдат да видат како се мачиме. Наплатата на воднит надоместок од оризопроизводителите е 100 отсто, тие земаат плати, а ние остануваме без вода, истакна Љупчо Петров, земјоделец од Грдовци.
Од водостопанската подружница „Брегалница“ истакнаа дека хидросистемот располага со доволни количини вода и најдоцна за два дена таа повторно ќе биде пуштена во оризовите ниви.
Фото и видео: Радио Кочани