Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во неделата изјави дека фазата на „интензивни“ борби против палестинскиот Хамас во Рафах е „при крај“, но дека војната ќе продолжи сѐ додека Хамас повеќе не го контролира Појасот Газа.
„Интензивната фаза од борбата против Хамас наскоро ќе заврши. Тоа не значи дека војната завршува, но војната во нејзината интензивна фаза наскоро ќе заврши во Рафах“, рече Нетанјаху во интервју за израелскиот телевизиски Channel 14.
„Не сакам да ја прекинам војната и да го оставам Хамас како што е“, рече тој.
Кога ќе заврши интензивната фаза во Газа, продолжи Нетанјаху, Израел ќе може да распореди дел од своите сили на северната граница со Либан, каде што се интензивираат борбите со Хезболах.
„По завршувањето на интензивната фаза, ќе можеме да прераспоредиме некои сили на север, и тоа ќе го сториме, главно за одбранбени цели, но и за враќање на (раселените) жители во нивните домови“, додаде премиерот за кого ова е прво интервју за израелска телевизија од почетокот на војната против Хамас ланскиот 7 октомври.
„Ако е можно, ќе го направиме тоа дипломатски. Ако не, ќе го направиме на друг начин. Но, ќе ги вратиме (жителите) во нивните домови“, нагласи тој.
Многу израелски градови долж границата со Либан се евакуирани поради борбите.
Нетанјаху рече и дека нема да прифати никаков „делумен“ договор.
„Целта е да се вратат заложниците и да се искорени режимот на Хамас во Газа“, додаде тој.
Нетанјаху повторно ја отфрли идејата Палестинската самуправа, која владее во другата окупирана палестинска енклава Западниот брег (на реката Јордан), да управува со Газа наместо Хамас.