Во Тетово паднаа 53 литри дожд на метар квадратен

Најмногу дожд во изминатото деноноќие во државава наврна во Тетово, , 53 литри на метар квадратен, по што следуваат Попова Шапка со 29 литри, Скопје-Зајчев Рид и Крива Паланка со 28, Скопје-Петровец со 15, Маврови Анови со девет литри, Куманово, Демир Капија и Пожаране со два, Кавадарци со еден, покажуваат мерењата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Во првата половина од ноќта наместа, особено во северните делови, беше нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме со интензивен пороен дожд, засилен ветер и појава на град. Во втората половина од ноќта атмосферата се стабилизира, така што изутринава насекаде е сончево и тивко.

УХМР најавува дека времето претпладне ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност. Попладне наместа ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме со засилен ветер и појава на град. Максималната температура ќе достигне од 30 до 38 степени, со УВ индекс 8.