Седумкратниот шампион на Вимблдон, Србинот Новак Ѓоковиќ, е охрабрен од неговиот напредок по малата операција на коленото пред помалку од три седмици и ќе игра на Грен-слем турнирот следниот месец само доколку почувствува дека може да ја предизвика титулата.
Триесет иседумгодишниот Ѓоковиќ го повреди коленото во својот натпревар од четвртото коло на Ролан Гарос и се повлече од четвртфиналето пред да биде опериран на 6-ти јуни, загрозувајќи ги неговите надежи да се натпреварува на Вимблдон и на Олимписките игри во Париз.
Сепак, српскиот тенисер, чие место на Игрите во Париз беше потврдено на почетокот на јуни, објави на Instagram видеа од враќањето на тренинзите минатата седмица пред да пристигне во Ол Ингланд клубот во неделата и веднаш да започне со подготовките.
„Не дојдов овде да играм неколку кола“, изјави Ѓоковиќ за BBC по тренингот во понеделникот. „Ако знам дека можам да играм блиску до најдоброто или најдоброто од себеси, тогаш ќе играм. Ако не, тогаш ќе му дадам шанса на некој друг да игра“.
„Рехабилитацијата оди во вистинската насока секој ден, неколку проценти сѐ подобро и подобро. Тоа е она што ми дава надеж и мотив да продолжам. Ги преземам работите постапно. Сѐ уште не форисрам 100 проценти, но се надевам тоа ќе се случи во следните неколку дена“, додаде тој.
Во моментов светскиот рекет број два сака да стави крај на „сушата“ од титулата во 2024 година, откако освои три од четирите Грен слемови минатата година додека ја брка рекордната 25-та Грен-слем титула.
Неговиот единствен пораз на Грен-слем турнирите во 2023 година се случи токму на Вимблдон каде во финалето беше поразен во пет сета од Шпанецот Карлос Алкараз.
Вимблдон се одржува годинава од 1-ви до 14-ти јули.