Трипуновски на средба со земјоделците од Пелагонија

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, на стартот на жетвата оствари средба со земјоделците од Пелагонискиот регион во општина Новаци. – Денес сум во посета на Пелагониско, поточно во општина Новаци, срцето на житницата во Република Македонија, на разговор со земјоделците околу почетокот и текот на откупот на лебното жито и ќе разговараме за сите отворени ситуации коишто се на прагот на жетвата. – изјави Трипуновски.

Трипуновски најави дека веќе има закажано средби во наредните денови со повеќе земјоделски здруженија, но и со млинарите и откупувачите на пченица.
– Јас наредниве денови закажав и низа на состаноци на тема откуп на пченица, во текот на утрешниот ден имам договоррно средба со земјоделски здружение од другите делови каде исто ќе сакам да го слушнам нивното размислување, и во четврток веќе имам договорено посебна средба со откупувачите, со млинарите кои откупуваат пченица, да се обидам да ја сублимирам цела оваа ситуација, да извлечеме што е можно повеќе, денар плус за македонскиот земјоделец, кој знаеме дека изминативе години претрпе многу штета од лошите политики.

Тој потенцираше дека власта ја преземаат на половина од годината и заради лошите политики и непланското водење на секторот земјоделство веќе е направена одредена штета која ќе влијае на цената на пченицата за оваа реколта, но исто така и најави дека ќе се преземат сериозни чекори и планирања за идната жетва.

– Сакам да ветам дека позитивните политики на Владата предводена од Мицкоски ќе се осетат дури наредната жетва, односно кога оваа година ќе го спремиме теренот и наредната година оние земјоделци кои навистина произведуваат пченица, да осетат што значи вистинска грижа за нивното производство. – заврши Трипуновски.