Асанж пристигна на островот Саипан за спогодба за признавање вина со САД

Основачот на WikiLeaks, Џулијан Асанж пристигна на островот Саипан во средата по локјално време, каде се очекува да се изјасни за виновен за кршење на Законот за шпионажа на САД, што ќе му овозможи да биде ослободен и да се вратат дома во Австралија.

Во вторникот беше откриено дека Асанж постигнал договор со САД во долготрајниот спор околу неговата екстрадиција.

Како дел од договорот со американскиот правосуден систем, Асанж ќе се изјасни за виновен на сослушувањето во Саипан на северните Маријански Острови по една точка од обвинението за заговор за добивање и објавување доверливи документи од одбраната на САД и се очекува да биде осуден на 62 месеци затвор кој веќе ги отслужил.

Педесет идвегодишниот Асанж пристигна пред зградата на судот со бел теренец. Тој се насмевна додека поминуваше покрај обезбедувањето со неговиот тим и австралискиот амбасадор во САД, Кевин Руд.

Десетици медиуми од целиот свет се собраа пред судницата за да ја следат постапката. Медиумите не смеат да влезат во судницата.

Доколку судијата ја одобри неговата спогодба, тогаш се очекува Асанж да се врати дома во Австралија.

Вашингтон го обвинува Асанж за кражба и објавување доверливи материјали од воените операции во Ирак и Авганистан, наводно загрозувајќи ги животите на американски разузнавачки извори и други.

Асанж беше ослободен од затвор во Лондон во понеделникот и ја напушти Велика Британија со изнајмен авион. Откако застанал во главниот град на Тајланд, Бангкок, полетал до Северните Маријански Острови, територија на САД, и пристигнал на островот Саипан.