
Германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер сака оние кои поддржуваат терористички напади или терористички групи на интернет полесно да бидат протерани од Германија, објавија во средата германските медиуми.
„Кој нема германско државјанство и велича терористички напади мора да биде депортиран секаде каде што е можно“, рече министерката за внатрешни работи Ненси Фезер од владејачката Социјалдемократската партија на Германија (SPD) во интервју за јавната медиумска куќа Funke.
„Во иднина, дури и ‘лајк’ или коментар што ги велича или поддржува терористичките напади ќе биде причина за протерување“, рече Фезер пред состанокот на владата на кој треба да бидат прифатени промените на законот за странци поврзани со коментарите на интернет.
Како што е соопштено, германското Министерството за внатрешни работи сака да реагира на позитивните реакции на поединци на интернет по масакрот од Хамас на 7 октомври или по убиството на полицаец пред неколку седмици во Манхајм, што има исламистички мотив.
„Глорифицирањето на терористичките напади создава клима на насилство што може да ги поттикне потенцијалните сторители да извршат нови напади“, се вели во соопштението на германското министерство.
Поради ова, како што се наведува, „безбедносните интереси на Германија преовладуваат над индивидуалните интереси на поединци во однос на нивниот престој во Германија“.
Во иднина, ваквото однесување ќе биде доволна причина за протерување. Досега депортацијата беше можна само за осудените криминалци.