За зголемување на пензиите за 5.000 денари, линеарно, недостигаат 40 милиони евра од буџетот

Пензионерите од октомври ќе добијат по 2.500 денари зголемување на пензиите, без оглед на висината на пензијата. Вториот дел од најавеното линеарно зголемување од 5.000 денари, ќе се случи во март, следната година. Ова го најави премиерот Христијан Мицкоски, кој присуствуваше на поставување камен-темелник на ОУ „Свети Климент Охридски“ во Драчево.

За зголемување на пензиите ќе треба да се чека ребалансот на Буџетот, за што тој и министерката за финансии, како што кажа, интензивно работат и треба да се случи на средината на јули. Мицкоски најави две линеарни зголемувања на пензиите и тоа со нивелирањето во септември и уште едно во март в година. 

„Ќе имаме најверојатно две линеарни зголемувања. Едно со нивелирањето сега во септември, линеарно зголемување од 2,500 денари и другото ќе биде во март уште 2,500 денари. Најпрвин треба да обезбедиме со ребалансот 2, 5 милијарди денари околу 40 милиони евра. Во овој буџет тие пари недостигаат. Се трошеле за работи за кои мислам дека многу ќе се занимаваат истражните органи во периодот што следи. И уште дополнителни 2,5 милијарди денари се подготвени за ова првично зголемување сега што ќе биде во септември. Останатите ќе бидат во март и со тоа практично нашето ветување за линеарно зголемување на пензиите од 5.000 денари во првата година ќе биде и порано исполнето. Нема да биде до јуни туку ќе биде до март, рече Мицкоски, кој беше на ставање на камен темелник на училиште во Драчево. 

Општините пак, со ребалансот на Буџетот ќе добијат повеќе пари од планираното, односно наместо 5, ќе добијат 6 милијарди денари на располагање, за што до август ќе треба да поднесат проекти, за да може од септември да се запази есенската градежна офанзива, најави Мицкоски.