Игор Стојковски од денеска е назначен за директор на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија во Скопје. Информацијата за МИА ја потврди самиот Стојковски.
Доктор Стојковски е шеф на отсек на Одделението за малигни тумори на ЦНС, коскени тумор и кожа на Клиниката за онкологија. На оваа функција е од 2013 година, а претходно работел како шеф на отсек на Одделението за малигни тумори на главата и на вратот.
Од 1997 до 1998 година работи како лекар – волонтер на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија во Скопје, а од 2000 до 2004 година како лекар на специјализација на оваа Клиника. Од 2018 до 2023 година бил доцент на Катедрата за онкологија со радиотерапија при Медицинскиот факултет во Скопје ,а од 2023 година е вонреден професор на овој факултет.
Почна во септември минатата година кога пукна аферата со препродажба на биолошка терапија. Продолжи со истрага на обвинителството и Анкетна Комисија во Собрание која финишираше без официјални заклучоци. Се уште во тек е истрага против петмина од Онкологија а пациентите и денеска како и лани реагираат и алармираат на условите за медицински третман.
На почетокот од септември, со судска наредба, а врз основа на наводите изнесени во новинарски текстови, беа извршени претреси на Клиниката за онкологија и во два приватни стана. Притоа беа одземени компјутери и документација, кои потоа беа дадени на анализа и вештачење.
Се формираше и собраниска Анкета комисија со цел да се утврди одговорност.