Едно лице, странски државјанин, денеска паднало во непристапен терен во близина на хотел „Десарет“ во Охрид.
При падот лицето се здобило со телесни повреди, по што била повикана итната медицинска помош. Случајот бил пријавен на бројот за итни повици 112 во Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Како што информира ЦУК, поради непристапнапноста на теренот, медицинската екипа не можела да интервенира.
– Од ЦУК беа известени пожарникарите од ТППЕ Охрид, полицајците од СВР Охрид и Планинарска спасителна служба „Патагонија“ од Охрид. Екипата од ТППЕ Охрид со едно противпожарно возило и тројца пожарникари интервенирале, при што лицето било извлечено од местото на настанот, па е префрлено во полициски глисер и преку езеро било пренесено до возилото на итна медицинска помош, а потоа во болница во Охрид на понатамошен третман, се вели во соопштението од ЦУК.