Челниците на земјите-членки на Европската унија ја завршија средбата на врвот со договор за кадровскиот ребус за водечките позиции во европските институции за следниот институционален циклус.
Тие ја предложија поранешната претседателка Урсула фон дер Лајен за претседател на Европската комисија, поранешниот португалски премиер Антонио Кошта за претседател на Европскиот совет со мандат од две ипол години, а Каја Калас за висок претставник за надворешна и безбедносна политика.
Претседателката на Европската комисија допрва треба да биде потврдена од Европскиот парламент со просто мнозинство, односно да добие најмалку 361 од 720 гласови на европратениците. Европскиот парламент ќе гласа за високиот претставник за надворешна и безбедносна политика како пакет кога ќе се одлучува за новиот состав на Комисијата. Изборот на претседател на Европскиот совет е исклучива надлежност на лидерите на земјите-членки, а Парламентот нема овластување во овој поглед.
За целиот пакет гласаа 25 лидери, додека италијанската премиерка Џорџа Мелони гласаше против Кошта и Калас и се воздржа од гласање за фон дер Лајен. Унгарскиот премиер Виктор Орбан, пак, гласаше против фон дер Лајен, беше воздржан за Калас, а го поддржа именувањетп за Кошта.
Лидерите на ЕУ ја усвоија и стратешката агенда, работната програма за следните пет години.
На почетокот на самитот специјален гостин беше украинскиот претседател Володимир Зеленски, со кого Европската унија потпиша серија договори за безбедносни прашања.