Косовската „Екс Фис“ главна на пазарот со млазно гориво во Македонија

Kосовската компанија од Приштина, „Екс Фис“, по неколкугодишни обиди, го презеде приматот на снабдувач на млазно гориво за авиони во Македонија. Фирмата е регистрирана од истоимениот сопственик од Косово во 2013, а првата лиценца за трговија со млазно гориво ја има добиено во 2016, но првата активна година на работа била 2023, објави Фактор.мк.

Седиштето, како и складиштата за точење на ова гориво на „Екс фис“ се наоѓаат на скопскиот аеродром. Има и еден резервоар-подружница во Босилово, но според издадените лиценци од Регулаторната комисија за енергетика, барањето во 2018 за употреба на ова складиште било одбиено.

Остварените приходи минатата година се 20 милиони евра од продажба на горивото за воздухоплови, а растот е неверојатни „60.409.562 проценти“, што укажува дека претходната година практично била неактивна. Добивката е 800.000 евра, или поточно 48.616.705 денари. 

Менаџер е Фатбард Мухареми, дипломиран економист од Косово. Бројот на 15 регистрирани работници се зголемил за 200 отсто за една година. Лиценцата што ја поседува  оваа компанија е за „транспорт и трговија на големо со гориво за млазни мотори (ЈЕТ А-1)“.

„За вршење на енергетската дејност ќе се користат 2 надземни резервоари меѓусебно поврзани, секој со волумен од по 50 m3 , преку кои ќе се врши дотур на гориво за млазни мотори ГМ-1 (ЈЕТ А-1) во кругот на Аеродромот Александар Велики, на локација ИЛ 848 за КО Мралино за КП 1/11. Носителот на лиценцата е должен во секое време да поседува или да има обезбедено право на користење на склад во кој се складира гориво за млазни мотори (ЈЕТ А-1), со капацитет определен со прописите со кои се уредува трговијата со нафта, нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт“, запишано е во описот на издадената лиценца во 2021.

Досега единствен познат во јавноста снабдувач на млазно гориво во земјата беше „Макпетрол“. Пред три месеци при објавувањето на билансот на годишниот успех акционерското друштво подвлече дека има пад на приходите во 2023 поради намалената продажба на природен гас и на млазно гориво.

„Екс Фис“ истовремено е увозник на деривати во земјата и со својата дејност учествува со околу 1,5 проценти во целокупниот увоз на сите видови на горива во земјата. Подобри од него биле само „Окта“, „Супертрејд“, „Лукоил“ и „Омпетрол“ на ниво на цела Македонија.