Францускиот регулатор сигнализираше дека може да поднесе тужба против американскиот производител на чипови „Nvidia“, соопштија информирани извори, за наводна злоупотреба на доминантната позиција на пазарот што ја загрозува пазарната конкуренција во секторот за активностите во облак.
Францускиот регулатор ја сигнализира тужбата по ненајавените инспекции во секторот за графички картички во септември минатата година, во кој, според изворите, била вклучена и „Nvidia“.
Инспекциите беа извршени како дел од пошироката истрага во секторот за информатичка работа во облак поради сомневање дека компаниите можеби користат пристап до моќна технологија за да ги истиснат помалите конкуренти, соопштија тогашните регулатори.
„Продавачите на чипови би можеле да ја злоупотребат својата позиција и да ѝ наштетат на конкуренцијата во секторот за генеративна вештачка интелигенција, предупредија тие во извештајот објавен минатиот петок. Тие се загрижени за зависноста на секторот од софтверот за програмирање чипови CUDA на Nvidia. Само CUDA е целосно компатибилен со чиповите кои станаа неопходни за побрзи пресметковни операции“, објаснуваат тие.
Инвестициите на „Nvidia“ во компании за услуги во облак базирани на вештачка интелигенција, како што е „CoreWeave“, исто така привлекуваат внимание, истакнаа регулаторите.
Најголемиот светски производител на чипови кои се користат и во вештачката интелигенција и во компјутерската графика го привлече вниманието на регулаторите од двете страни на Атлантикот откако генеративната апликација за вештачка интелигенција ChatGPT предизвика бран на побарувачка за нејзините чипови.
Ниту францускиот регулатор, ниту „Nvidia“ не сакаа да ги коментираат наводите на изворот. Регулаторот не ги објавува сите писма до компаниите за приговори, а „Nvidia“ наведе во минатогодишното регулаторно поднесување дека регулаторите во Европската унија, Кина и Франција побарале информации за нејзините графички картички.
Доколку истрагата покаже дека „Nvidia“ ги прекршила прописите, се соочува со парична казна до 10 отсто од глобалниот промет. За да го избегне, може да понуди отстапки, забележува Reuters.
Американското Министерство за правда, кое го дели надзорот над водечките технолошки компании со регулаторот, Федералната трговска комисија (FTC), ќе ја преземе водечката улога во истрагата за можните прекршувања на правилата за фер конкуренција од страна на „Nvidia“, изјави за Reuters извор запознаен со ова прашање.