На 101 година почина поранешниот француски министер за надворешни работи Ролан Дима

Поранешниот француски министер за надворешни работи Ролан Дима за време на владеењето на социјалистичкиот претседател Франсоа Митеран почина во средата на 101-годишна возраст, објавија официјални извори, пренесува AFP.

Дима вршеше министерски должности во времето на распадот на поранешна Југославија и беше вклучен во напорите на меѓународната заедница за решавање на кризата.

Дима, исто така, ретседаваше со Уставниот совет помеѓу 1995 и 2000 година. Беше познат како исклучително лојален соработник на Франсоа Митеран и многу вешт преговарач, естет, но и заводник.

Неговата исклучителна кариера беше компромитирана од „скандалот Елф“. Дима тогаш беше осомничен дека фаворизирал вработување на една од неговите љубовници во нафтена компанија, поради што беше принуден да поднесе оставка од функцијата претседател на Уставниот совет.

„Дима остави свој белег во историјата на Петтата република“, изјави актуелниот министер за правда Ерик Дупон-Морети.

Жак Атали, поранешен специјален советник на Митеран во Елисејскиот дворец, се сеќава дека „откако бил сведок на убиството на неговиот татко од нацистите, Дима станал многу активен актер во француско-германските односи“.

„Тој беше како лик од роман. Тој беше способен адвокат, талентиран и тивок. Запознавањето со него ви носеше богатство од знаења“, коментира за AFP адвокатот Марсел Секалди, деловен партнер на Дима.