Акропол во Атина, една од најпосетуваните древни знаменитости во светот, нуди специјални приватни тури со стручно водство за 5.000 евра, а овој предлог уште минатата година предизвика жестоки контроверзии.
Синдикатот на работниците на археолошкиот локалитет изрази противење на приватните тури промовирани од Хеленската организација за развој на културните ресурси, поврзана со грчкото Министерство за култура, кои ги заобиколуваат вообичаените официјални водичи.
Претседателката на синдикатот Герогија Кондили рече дека не добиле информација како ќе се организираат овие тури.
„Разбираме дека тоа е мерило за финансиска продуктивност, иако може и поинаку“, рече Кондили.
Приватни обиколки на Акропол и Партенон, со група од не повеќе од пет лица, би се изведувале надвор од работното време. Тие се закажани во вторник, петок и сабота во 7 или 20 часот.
На веб-страницата на организацијата „Hellenic Heritage“ пишува дека приватна обиколка на Акропол без водич може да се резервира од 12 јули, а со водич од 3 август. Приватните тури се достапни на англиски, француски, германски, грчки, португалски, руски и шпански.
Како што пишуваат грчките медиуми, првата ваква приватна посета се случила минатата сабота и станува збор за двојка од Русија.
„За 5.000 евра посетителите ќе добијат ексклузивна можност да уживаат во архитектонскиот одраз на духот на античка Грција, без гужви и во мир“, стои на веб-страницата на „Hellenic Heritage“.
Редовниот билет за обиколка на Акропол чини 20 евра, а комбиниран билет за посета на други локалитети чини 30 евра.
Атинскиот Акропол, според описот на УНЕСКО за заштитено светско културно наследство, е изграден во 5 век п.н.е. Бројот на посетители се зголемува од година во година.
Дел од Акропол е познатиот храм Партенон, изграден во чест на Атина, божицата заштитничка на грчката престолнина.Минатата година го посетиле рекордни четири милиони посетители, што е за 31 отсто повеќе од претходната година.
Храмот во лето го посетуваат и до 23.000 луѓе дневно, поради што биле принудени да ги ограничат посетите.
Во 2022 година, државните музеи и археолошки локалитети донесоа повеќе од 120 милиони евра во грчката каса.